Elena Teslova
13 Јануари 2022•Ажурирај: 14 Јануари 2022
МОСКВА (АА) - Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека започнуваат воени вежби во близина на границата со Украина, во кои учествуваат над 10.000 војници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Вежбите се одржуваат на различни места за обука на југот на земјата, како и во близина на градовите Волгоград, Астрахан, Ставропол, Ростов и Краснодар“, се вели во соопштението на Министерството.
Оттаму се истакнува дека воениот персонал ќе тренира тактички дејствија како дел од извидувачки и офанзивни операции.
Вчера Русија и НАТО одржаа состанок во Брисел во врска со безбедносните прашања, вклучително и за ситуацијата во Украина.
По состанокот, рускиот заменик-министер за надворешни работи, Александар Грушко, рече дека Москва очекува дефинитивен одговор од НАТО на руските предлози за безбедносните гаранции.
Русија, Украина и НАТО ги зачестија воените вежби паралелно со интензивирањето на тензиите во последните неколку недели, откако Киев отворено ја обвини Москва дека планира да изврши инвазија.
Руските сили влегоа на полуостровот Крим во февруари 2014 година, а следниот месец претседателот Владимир Путин формално го подели регионот на два посебни федерални субјекти на Руската Федерација.
Турција и САД, како и Генералното собрание на ОН, ја сметаат анексијата за нелегална.
Според ОН, во борбите меѓу украинските владини сили и проруските сепаратисти во Донбас од 2014 година до денес загинале повеќе од 13.000 луѓе.