Selen Temizer,Ekip
01 Февруари 2022•Ажурирај: 02 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) - Повеќето европски земји ги олеснуваат мерките за ограничување во услови на високи стапки на вакцинација, и покрај порастот на случаи на Ковид-19 со благи симптоми како последица на брзото ширење на варијантата Омикрон, јавува Агенција Анадолија (АА).
Данска е прва во процесот на враќање во нормала, отфрлајќи ја настрана загриженоста за случаите на заразување со варијантата Омикрон, кои се во пораст.
Земјите како Велика Британија, Франција, Шведска, Норвешка, Финска и Австрија, исто така, одлучија целосно да ги отстранат мерките за Ковид-19 или да ги олеснат ограничувањата.
Советот на Европската Унија претходно ги советуваше земјите членки да ги утврдат мерките за патување поради пандемијата според сертификатот за Ковид-19, кој содржи информации за вакцинација, тестирање или закрепнување од болеста, а не според регионот од кој пристигнуваат луѓето.
Исто така, на 28 јануари, шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави дека над 50 отсто од сите возрасни лица во ЕУ добиле бустер доза против вирусот.
Според научното мислење на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, бустер дозите од вакцината даваат најдобра заштита од вирусот и значително го намалуваат ризикот од хоспитализација.