Zuhal Demirci
17 Декември 2021•Ажурирај: 18 Декември 2021
ЛОНДОН (АА) - Министрите за здравство на Г7 се длабоко загрижени поради зголемувањето на бројот на заразени со варијантата на коронавирусот, Омикрон и укажаа на важноста од заедничка работа како одговор на новиот бран на заразувања, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министрите за здравство на Велика Британија, САД, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија се состанаа за да разговараат за проширување на варијантата Омикрон, по што издадоа заедничко соопштение.
„Министрите, кои се длабоко загрижени за зголемувањето на бројот на случаи, се согласуваат дека овие случувања треба да се гледаат како најголема закана за глобалното јавно здравје во моментов“, се вели во соопштението.
Во соопштението се вели дека соработката, споделувањето податоци и искуства се поважни од кога било и дека тоа ќе биде клучот за решавање на ситуацијата која брзо се менува.
Министрите ја повторија својата посветеност на ветувањата за изградба на одбрана и борба против заразувањето, вклучени во декларациите на групите Г7 и Г20.
„Министрите се согласија дека покрај размената на информации, многу е важно да се работи заедно за да се одговори на бранот на Омикрон кој расте брзо“, се вели во соопштението.
Наведено е и дека министрите укажале на важноста од еднаков пристап до дијагностика, секвенционирање на геномот, вакцини и терапија.
„Покрај тоа, тие се согласуваат за зголемената важност на кампањите за поддршка и редовно тестирање, како и за тековните нефармацевтски мерки“, се вели во соопштението.