Yusuf Hatip
25 Април 2020•Ажурирај: 25 Април 2020
БРИСЕЛ (АА) - Во Белгија, мерките преземени со цел сузбивање на ширењето на коронавирусот ќе се укинуваат во три фази, јавува Агенција Анадолија (АА).
Белгиската премиерка, Софи Вилмс, по состанокот на Советот за безбедност го најави планот за постепено укинување на блокадите и мерките за ограничување.
Потсетувајќи дека постепено ќе се ублажуваат мерките со цел нормализација на состојбата во земјата, Вилмс најави дека ќе биде дозволено отворање на одредени продавници во првата фаза, под услов од 4 мај да се почитуваат правилата за социјална дистанца.
Ќе биде дозволено возење велосипед и шетање во група од најмногу три лица со задолжително почитување дистанца. Ќе биде дозволено користење на јавниот превоз со задолжително носење заштитна маска.
По 11 мај ќе биде дозволено отворање на сите продавници под строги услови. Продавниците како фризерските салони, за кои е потребен близок контакт, нема да работат.
Иако отворањето на баровите, рестораните и кафулињата сè уште не е дозволено, ќе бидат дозволени активности како венчавки и погреби под одредени услови.
Училиштата се отвораат од 18 мај, со тоа што во едно одделение не смее да има повеќе од 10 ученици.
Ако ситуацијата на теренот биде поволна, се очекува да се премине и во третата фаза на нормализација по 8 јуни. Тогаш е предвидено отворање на сите ресторани, кафулиња и продавници.
Фестивалите и јавните собири ќе бидат забранети до 31 август.
Нормализацијата се планира да се постигне и со зголемен број на тестирања, како и со употребата на заштитни маски.
Премиерката Вилмс рече дека постои и можност за одложување на овие датуми.
Во Белгија домот може да се напушти во итни случаи, како и за одење на работа, продавница, аптека, банка, пошта и бензинска пумпа, додека останатите излези се забранети.
Во супермаркетите, додека се применуваат мерките за задолжителна дистанца, на лице не му е дозволено да остане внатре подолго од 30 минути.