Şenhan Bolelli
06 Јуни 2020•Ажурирај: 07 Јуни 2020
МАДРИД (АА) - По 84 дена, колку што беа затворени во рамките на преземените мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, денес се повторно отворени најпознатите шпански музеи, јавува Агенција Анадолија (AA).
Мадрид е најпознат по својот „Златен триаголник“ на уметнички музеи, „Прадо“, „Реина Софија“ и „Тисен-Борнемица“. Од утрово, во рамките на третата фаза на нормализација на животот во Шпанија, отворени се овие три музеи.
Бројот на посетители што во исто време можат да бидат во музеите е ограничен, а задолжително е и носењето заштитни маски и придржувањето до мерката за социјална дистанца. Влезот во музеите ќе биде бесплатен овој викенд.
„Прадо“, еден од водечките светски музеи што во 2019 година го посетија повеќе од три милиони луѓе, времето додека беше затворен го искористи за замена на местата на 190 дела.
Посетителите ќе имаат можност да ја видат и специјалната изложба „Повторна средба“ на која се претставени познати дела од уметници како Диего Веласкез, Франциско де Гоја, Ел Греко, Тицијан, Педро Пабло Рубенс и Микеланџело де Мериси Караваџо.
Директорот на музејот, Мигел Фаломир, изјави дека не можат да ги отворат сите места во музејот одеднаш, поради што на работните места нема да се вратат сите вработени.
„Герника“, сликата на Пабло Пикасо од 1937 година што е инспирирана од настан од Шпанската граѓанска војна, изложена во големата сала на музејот „Реина Софија“, ќе можат да ја видат најмногу 30 посетители.