Ekip
24 Ноември 2020•Ажурирај: 25 Ноември 2020
ЖЕНЕВА
Со моменталниот развој на вакцината, светлоста на крајот од тунелот од Ковид-19 станува сè посилна, рече синоќа Тедрос Гебреисус, генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Гебреисус, кој зборуваше на вебинарот за коронавирусот во Женева, даде оптимистичка проценка за развојот на вакцината откако неодамнешните податоци покажаа дека во последните 4 недели се забележани повеќе случаи на Ковид-19 отколку во првите шест месеци од пандемијата.
Во исто време предупреди дека „итноста со која вакцината е развиена мора да одговара со истата итност за да може праведно да биде распоредена.
„Со најновите позитивни вести за испитувањето на вакцината, светлоста на крајот од овој долг, мрачен тунел станува сè посветла. Сега постои реална надеж дека вакцината, во комбинација со други проверени методи и мерки на јавното здравство, ќе помогне во запирањето на пандемијата“, рече Гебреисус.
Тој нагласи дека ниту една вакцина во историјата не е развиена толку бргу како сега.
„Научната заедница има нов стандард за развој на вакцината. Сега меѓународната заедница мора да постави нов стандард за пристап до вакцините“, смета првиот човек на СЗО.