Dildar Baykan
17 Април 2020•Ажурирај: 18 Април 2020
ВАШИНГТОН
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп тврди дека кинеските власти не објавиле точни бројки на смртните случаи предизвикани со коронавирусот (Ковид-19) и дека во Кина починале повеќе заболени отколку во САД, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трамп во пораката на социјалната мрежа Твитер, коронавирусот повторно го нарече невидлив непријател на човештвото, а кинеските власти ги обвини за прикривање на реалната епидемиолошка слика во оваа земја во која коронавирусот прв пат се појави кон крајот на минатата година.
„Кина одеднаш соопшти дека бројот на смртните случаи предизвикани од невидливиот непријател двократно се зголеми. Всушност, таму починаа значително повеќе луѓе од она што официјално е соопштено и починаа повеќе луѓе отколку во САД. САД не се ни блиску до Кина по бројот на починатите", напиша Трамп.
За прв епицентар на пандемијата Ковид-19 се смета кинескиот град Вухан чии власти денес го ревидираа билансот на смртните случи предизвикани од таа пандемија.
Претходно соопштениот број од 2.579 смртни случаи во Вухан е зголемен на 3.869, со што бројот на починатите во Кина е зголемен за додатни 1.290 смртни случаи, односно изнесува вкупно 4.632.
Од друга страна, САД е земја со најголем број заразени и починати лица во светот. Во САД со коронавирусот се заразени повеќе од 672.000 луѓе, а починаа повеќе од 33.898 заболени.