Şenhan Bolelli
02 Април 2020•Ажурирај: 02 Април 2020
МАДРИД
Во Шпанија за еден ден починаа 950 лица, најголем пораст досега, со што вкупниот број на починати лица од последиците на Ковид-19 во земјата изнесува 10.003, се соопштува од Министерството за здравство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вкупниот број на потврдени случаи исто така се зголеми за 8.000, со што вкупниот број изнесува повеќе од 110.200. Околу една четвртина (26,743) од заразените се излекувале. Повеќе од 6.000 лица се на интензивна нега.
Истовремено, Владата денеска ги објави првите податоци за вработувањето во Шпанија од почетокот на кризата.
Над 833.000 лица ги загубија своите работни места во март, со што стапката на невработеност е највисока досега во историјата на Шпанија.
Згора на тоа, најмалку 620.000 работници беа привремено отпуштени од нивните работни места во март. Технички, тие луѓе сѐ уште се вработени, но компанијата не мора да ги исплатува.
Владата на 27 март донесе одлука со која на компаниите им забранува директно да го отпуштаат персоналот поради коронавирусот, а наместо тоа привремено да ги отпуштат вработените преку механизмот наречен ERTE.
Во однос на директната невработеност, најтешко погодените сектори се градежништвото, туризмот, угостителството, културата, администрацијата и образованието.
Околу половина милион самовработени лица исто така побарале специјалната помош да биде достапна за оние кои изгубиле повеќе од 75 отсто од нивните бизниси како последица на кризата предизвикана од коронавирусот.
Во Шпанија е ограничено движењето од 14 март, но во понеделникот економската активност беше дополнително ограничена за да се спречи заразувањето со вирусот.