Ekipa
22 Декември 2021•Ажурирај: 22 Декември 2021
ОВИЕДО (АА) - Шпанија вчера го урна својот претходен рекорд на заразени со коронавирусот на дневно ниво со објавени нови 49.823 случаи од страна на Министерството за здравство, со што Омикрон брзо станува доминантен вид, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во само една недела, бројот на заразени со варијантата Омикрон порасна од 3,4 проценти на 47,2 проценти, според податоците на Министерството за здравство.
Изминатиот вторник, Шпанија пријави нешто повеќе од 26.000 заразени.
Претходниот рекорд на земјата за дневен број на заразени беше поставен на 21 јануари, иако бројот на случаите можеби беше поголем за време на првиот бран пролетта минатата година, кога тестирањето беше ограничено.
Големиот број новозаразени повторно врши притисок врз инфраструктурата за тестирање и здравствената заштита во Шпанија.
Брзите тестови се распродадени во аптеките низ земјата. Периодот за чекање за да се добие ПЦР-тест исто така се зголеми во многу региони, каде што луѓето се болни и се надеваат дека ќе се тестираат пред Божиќ.
Системот за примарна здравствена заштита исто така е преоптоварен бидејќи матичните лекари се одговорни да преземат грижа за пациентите со Ковид-19 кои не се хоспитализирани и да вршат голем дел од следењето на контактите.
Сепак, високата стапка на вакцинација во Шпанија, односно 90-те проценти од популацијата на возраст над 12 години која е целосно имунизирана, ги одржува хоспитализациите и смртните случаи на ниско ниво во споредба со претходните бранови.
Во моментот, 6 проценти од болничките кревети во Шпанија и 16 проценти од сите оддели за интензивна нега се пополнети со пациенти со Ковид-19. Во претходниот рекорд во јануари, 21 процент од сите болнички кревети и 36 проценти од одделите за интензивна нега беа исполнети со пациенти.
Во јануари, 1.285 луѓе починаа во една недела. Сега 239 луѓе починаа во последните седум дена.
Сепак, шестиот бран на инфекции во Шпанија не покажува знаци на забавување. Експертите стравуваат дека претстојните празници во комбинација со омикрон-варијантата која брзо се шири и веќе огромниот број на случаи можат да предизвикаат невидена експлозија на вирусот.
Денеска шпанските лидери ќе се состанат за да разговараат за новите мерки, но поголемиот дел од земјата продолжува да функционира нормално, со маски во затворен простор и сертификати за вакцинација како главни превентивни мерки.
Каталонија е првиот шпански регион кој се обидува повторно да воведе карантин, за што чека одобрување од судот.