Hasan Esen
29 Март 2020•Ажурирај: 30 Март 2020
ЛОНДОН (АА) - Британскиот премиер Борис Џонсон, во писмото што ќе го прати до домовите поврзано со епидемијата на коронавирусот ќе нагласи дека работите пред да се подобрат, уште повеќе ќе се влошат, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението од Владата, писмото на Џонсон, чиј тест за Ковид-19 е позитивен, за четири недели ќе стигне до 30 милиони домаќинства.
Џонсон во писмото ќе ја повика јавноста да остане во своите домови, да ја заштити Националната здравствена служба (NHS) и да спаси животи.
Тој во писмото исто така ќе ги опише и мерките на Владата за борба против коронавирусот и мерките на Владата за поддршка на бизнис-секторот и вработените.
- „Ситуацијата уште повеќе ќе се влоши“ -
Наведувајќи дека уште од самиот почеток се обидуваат да ги преземат вистинските мерки во вистинско време, Џонсон вели: „За мене е значајно со вас да зборувам искрено. Работите пред да се подобрат, уште повеќе ќе се влошат.“
Во меѓувреме, директорот на Националната медицина на Велика Британија, професор Стивен Повис, изјави дека исходот ќе биде добар, ако смртните случаи во земјата останат под 20 илјади и побара од јавноста да го даде својот удел и да ги земе предвид предупредувањата на Владата.
Во Велика Британија каде што досега од Ковид-19 животот го загубија 1.109 лица, се очекува во наредните 2-3 недели смртните случаи и бројот на заразени да се зголемува.
- Премиерот, министерот за здравство и принцот заразени со коронавирус -
Британската Влада, која првично ја следеше стратегијата за „ширење на вирусот на контролиран начин за да се добие колективен имунитет“, откако доби извештаи дека со таа стратегија бројот на починати може да достигне до 277.000, се повлече.
Во понеделникот беше донесена одлука за ограничување на движењето, и освен маркетите и аптеките, сите други продавници беа затворени.
На 25 март принцот од Велс, Чарлс, наследник на престолот во Англија, беше позитивен на Ковид-19, а на 27 март премиерот Борис Џонсон и министерот за здравство, Мет Хенкок, соопштија дека се позитивни на тестот за Ковид-19.