Ekipa
14 Август 2017•Ажурирај: 14 Август 2017
САРАЕВО (АА) - На повеќекратниот оскаровец, американскиот филмски режисер Оливер Стоун, синоќа му беше доделена наградата „Почесно срце на Сараево“, којашто ја доделува Сараевскиот филмски фестивал за исклучителен придонес во филмската уметност, јавува Anadolu Agency (AA).
Наградата ја врачи директорот на СФФ, Мирсад Пуриватра, а публиката синоќа имаше можност да го погледне филмот „Вистинско време“, во рамките на СФФ.
„Голема чест и задоволство е што сум во Сараево и ќе ја добијам наградата 'Срцето на Сараево', бидејќи знам дека Сараево е град што има срце“, изјави Стоун на свеченото доделување на наградата.
Тој потсети на својата посета на Сараево околу 2000-тата и, меѓу другото, порача дека должност на сите кои се сеќаваат на војната е да продолжат да им зборуваат за неа на следните генерации, со цел да се спречи такво нешто да се случи повторно.
„Бев тука во 2000 година, по војната, слушнав многу приказни. Tоа е трагично. Враќањето во Сараево 15 до 16 години подоцна, и она што овој град се врати во живот, ме прави многу среќeн. Во исто време, оние што се доволно стари да се сеќаваaт на војната и она што војната може да го направи, вие кои ја познавате војната, ваша должност е да се сетите што може војната да направи“, изјави Стоун.
Тој исто така ја спомена и политичката ситуација во САД, велејќи дека неговата земја ја изгубила рамнотежата и укажа на однесувањето и изјавите на претседателот на САД.
Стоун ги покани сите присутни да го погледнат неговото најново остварување, четиричасовните разговори со Владимир Путин, бидејќи како што рече, рускиот претседател нѐ потсетува колку е опасна ситуацијата во светот.
Оливер Стоун има режирано повеќе од 20 долгометражни филмови, а неговиот опус вклучува некои од највлијателните, култни наслови кои ја одбележаа изминатата деценија, меѓу кои се „Салвадор“ (1985), „Вод на смртта“ (1986), „Волстрит"“ (1987 ), „Роден на 4. јули“ (1989), „Џон Ф.Кенеди“ и „Дорс“ (1991), „Родени убијци“ (1994), „Никсон“ (1995), „Погрешно вртење“ (1997), како и поновите изданија, како дванаесетчасовната ТВ-серија „Нераскажаната историја на САД“, од 2012 година, и интервјуто во четири дела со рускиот претседател „Интервју со Путин“ од 2017 година.
Стоун е роден во 1946 година во Њујорк, а во 1965 година го напиша автобиографскиот роман „Сон на едно дете“. Тој служел во американската војска и како припадник на пешадијата во 1967 година и 1968 година се борел во Виетнам, за што е одликуван. По неговото враќање продолжува со своите студии и дипломира во 1971 година на Филмската школа на Универзитетот во Њујорк.