Besar Ademi
30 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
ТЕТОВО (АА) - Во просториите Културно-хуманитарната организација „Мерхамет“ во Тетово вечерва беше отворена изложбата „Сенки на агонија“ на сирискиот бегалец Шерго Муса, кој преку уметноста ги претставува искуствата на неговото семејство и сирискиот народ при патувањето кон земјите на Западна Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
На изложбата, која се состои од 30 цртежи кои повеќе се илустративни отколку уметнички дела, претставени се портрети на сирискиот народ кои кај авторот поттикнале надеж и впечатоци, како и бројните тешкотии на овој народ кој се соочува со различни проблеми одејќи го патот на надежта за подобра иднина во различни европски земји.
Сирискиот автор Шерго Муса овие цртежи Муса ги изработил за време на неговиот престој во бегалскиот камп во Гевгелија. Заедно со своето семејство тој престојува во бегалскиот камп во Гевгелија веќе девет месеци. Во разговор за АА тој вели дека ова е прв пат да излезе надвор од кампот, како што го нарекува „затвор на бегалците“.
Авторот од Алепо преку Турција и Грција пристигнал во Македонија за време од еден месец, но во оваа земја тој останал заглавен по затворањето на „Балканската рута“, а негова единствена желба е да обезбеди подобра иднина за неговото семејство.
„Единствениот проблем е што овде живееме како во затвор, и тоа е многу тешко. По девет месеци, ние прв пат излегуваме надвор и гледаме луѓе. Сите овие слики се направени во Гевгелија. Јас не знам да зборувам, но знам да цртам. Преку моите слики ги изразувам моите чувства и ги олеснувам моите мисли“, рече Муса за АА.
Објаснувајќи една негова слика каде што се гледа еден ладен шатор со една бегалка, а на другата страна еден шатор на Европската унија каде гори мал оган, Муса рече: „На оваа слика опишав како службениците си играат со нас во зимно време, држејќи не како затвореници во ладни кампови. Пред нас ја имаме Европската унија, каде луѓето престојуваат во нивните топли куќи и не гледат од далеку како се обидуваме да преживееме“.
Изложбата на сириецот Муса ќе биде отворена само вечерва, бидејќи не му е дозволено да излезе надвор од кампот. Со помош на Црвениот крст тој беше пренесен во Тетово и по неколку часа ќе се врати во Гевгелија со своите слики.
Инаку, на територијата на Македонија заглавени се околу 250 бегалци кои не знаат што ќе се случи со нивната судбина во иднина. Од нив, 220 останаа во кампот за бегалци во Гевгелија и Табановце, додека околу триесетина се во приемниот центар за азил во скопското Визбегово.