Ivana Ramadanova
19 Февруари 2016•Ажурирај: 21 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во галерискиот простор на МКЦ, вечерва беше отворена изложбата на големиот шпански сликар, Пабло Пикасо, претставник и основач на кубанизмот, јавува Anadolu Agency (AA).
На изложбата беше претставена збирка од 46 графички дела на Пабло Пикасо – факсимили на цртежи, литографии и одделни гравури, кои го опфаќаат временскиот период од 1932 до 1969 година. Во галеријата на МКЦ може да се забележат цртежи и керамики од познатите „син“ и „розов“ период и остатокот се графики претежно рачно потпишани од авторот од познатата збирка на Волар.
Делата се во сопственост на приватната галерија „Висконти“ од Љубљана. Изложбата ќе биде поставена до 16 март. Се работи за култен настан, реткост на овие простори, кој според директорот на МКЦ, Златко Стевковски, ја потенцира важноста од ваквите настани во средини како Македонија.
Во сржта на збирката се наоѓаат комплети од оригинални графики, сместени во три мапи, кои денес претставуваат ретко видени и ретко достапни дела. Продуцент на изложбата е Михајло Несторовиќ, а делата се во сопственост на Жива Шкодлар Вујиќ и Лазар Вујиќ од галеријата „Висконти“ во Љубљана, Словенија.
На отворањето на изложбата се обрати и сопственичката на делата на Пикасо, Алина Мара Вуиќ, која пред присутните изрази благодарност за големиот интерес.
"Сите слики се дел од приватната колекција на моите родители Жива и Лазар Вуиќ. Ви посакувам да уживате во изложбата и ви порачувам да се присетите на Пабло Пикасо кој во една прилика рече: "Светот нема смисла, зошто тогаш јас да сликам слики кои би имале", рече Алина Мара Вуиќ.
Пабло Пикасо создаде еден од најобемните графички опуси, кој можеби нема конкурент меѓу уметниците од 20 век. Во одредени периоди од неговиот живот, графичките записи во плоча или литографски камен се надоврзуваат како во дневник. Познато е дека како незапирлив креатор, Пикасо сакал постојано да менува и да прескокнува од една техника на друга, од цртеж на сликање, од графика на обликување предмети и скулптури.
Познато е дека неговите раце никогаш не мирувале, без разлика дали е во друштво на пријателите, на ручек или на вечера, играјќи си, скоро несвесно, од случајно најдени предмети или хартии, создавал изненадувачки уметнички дела.
Реализацијата на изложбата е финансиска поддржана од Министерството за култура. Изложбата ќе биде отворена од денес а ќе трае се до 16 март. Влезот за посетителите кои ќе сакаат да ја видат оваа изложба е бесплатен.
Меѓу присутните беше и претседателот Ѓорѓе Иванов и Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.