Admir Fazlagic
28 Септември 2016•Ажурирај: 29 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на претставниците на државниот врв на Република Македонија, предводени од претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, премиерот Емил Димитриев, претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељановски, министрите во Владата, претставници на политичките партии, невладини организации како и голем број граѓани од различна етничка припадност вечерва во Скопје со свечен прием беше одбележан Меѓународниот ден на Бошњаците - 28 септември, јавува Anadolu Agency (AA).
Организатор на вечерашниот прием беше Здружението на Бошњаците во Република Македонија „Аваз“, во чие име се обрати професор д-р Зеќир Рамчиловиќ. Тој во својот говор ги поздрави присутните честитајќи им го Меѓународниот ден на Бошаците- 28 септември, наведувајќи дека речиси 10 години со измената на Законот за празниците на Република Македонија, на 8 февруари 2007 година, во Собранието на Република Македонија овој датум е прогласен за Меѓународен ден на Бошњаците како празник на бошњачкиот народ во Република Македонија.
„Тоа е денот кога претставниците на Бошњаците на Вториот себошњачки сабор во Сараево во официјална и државна комуникација го вратија своето историско и национално име Бошњак. Овој датум во календарот на Обединетите нации се води како Меѓународен ден на Бошњаците", рече Рамчиловиќ.
„Бошњаците во Македонија имаат повеќевековен континуитет и секогаш биле прогресивен елемент во борбата за формирање на слободна и независна македонска држава, кога било потребно, а со својот ангажман често и носители на просперитетот во различни области на општественото живеење и развојот на државата воопшто", потсети Рамчиловиќ.
„Ова е ден кога сме должни и треба да се потсетиме на нашето минато, но и да ја согледаме нашата сегашност, за да можеме да ја пишуваме нашата иднина", додавајќи дека Бошњаците и Македонците имаат слично минато најчесто во борбата за еднаквост и слобода, за својот идентитет и држава.
Меѓу другото, во своето обраќање Рамчиловиќ се осврна и на моменталната политичка ситуација во земјата и регионот, кажувајќи дека политичката криза во Република Македонија мора треба да се реши по институционален пат.
„Поминати се времињата на државни удари, на незаконски и неуставни референдуми и без избори стекнување легитимитет. Ниту во Турција, ниту во Босна и Херцеговина, ниту пак во Македонија се можни такви сценарија. Во ова време на поделби, Бошњаците знаат како да бидат обединети, и затоа ја користам оваа прилика да повикам на единство и на државотворно размислување", порача Рамчиловиќ.
Во рамките на свеченоста, беа доделени благодарници и адекватна парична награда на Алмина Алиловиќ, студент и Даут Мујовиќ, возач на автобус, за нивната истакната хуманост за време на поплавите во Скопско. Наградите ги врачи Сеад Кочан, претседателот на Здружението на Бошњаците во Република Македонија „Аваз“.
По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Бошњаците, а во организација на Бошњачката културна заедница во Македонија, се одржа и свечена академија и промоција на книга "Енциклопедија на санџачката книжевност" од авторот Јахја Фехратовиќ од Нови Пазар.
Претседателот на Бошњачката културна заедница во Македонија, Џемил Бектовиќ по тој повод истакна дека оваа културна организација по петти пат организира културна манифестација по повод Денот на Бошњаците .
„За нас овој датум е голем, датум кога го вративме правото на нашата историја, култура и нашиот идентитет. Сметаме дека најдобро промовирање на Бошњаците и босанскиот јазик е преку културата и книгите на нашите автори", изјави Бектовиќ, говорејќи а важноста на одбележувањето на националниот празник на Бошњаците.
Инаку, според пописот на населението на Република Македонија од 2002 година, како Бошњаци се изјасниле 17.018 или 0,84% од вкупното население.