АНКАРА (АА) - Добитникот на првата и втората награда во категоријата „Спорт“ на натпреварот во фотографии „Istanbul Photo Awards“, Адам Прити, наведува дека натпреварот е навистина голем придонес за фоторепортерството, јавува Агенција Анадолија (АА).
Австралиецот Прити (43), фоторепортер во „Гети имиџис“ (Getty Images), ја освои првата награда во категоријата „Галерија од десет фотографии“ во која учествуваше со зачудувачки фотографии од Ејми Данлoп од Австралија и Катарине Рахикајнен од Финска, додека се искачуваат по карпи.
Другите десет фотографии ги прикажуваат параолимпијките Хитоми Ониши и Сајаку Мураками од Јапонија додека се подготвуваат за квалификациите, а на Прити му ја донесоа втората награда во истата категорија.
Бидејќи и тој самиот се искачувал по карпи во Кина, Австралија и Јапонија речиси една деценија, Прити сакаше да го заврши незавршеното и да ги сними кадрите за време на тренингот.
„Фотографиите требаше да бидат базирани на Олимпијадата, но таа, за жал, е одложена. Искачувањето е штотуку утврдено како олимписки спорт. Тоа беше целата поента на приказната, обид да се снимаат спортистите додека тренираат за Олимпијада“, изјави тој.
Прити во разговор за Агенција Анадолија изјави дека со фотографирањето се занимава од младоста.
„Уште како средношколец се одлучив дека сакам да бидам фотограф или фоторепортер. Секогаш ме интересираа уметноста и илустрациите. А потоа речиси сосема случајно станав заинтересиран за фотографиите. Тогаш наеднаш се заљубив во тоа, заминував во мрачната комора, запознавав луѓе, разговарав со луѓето и се обидував да ја раскажам приказната преку фотографија. Веднаш почна да ми се допаѓа. Речиси подоцна во потполност прекинав со илустрирањето и започнав да поставувам своја мрачна комора дома и во просторијата за перење алишта. Се заљубив во фотографијата и оттогаш во потполност се посветив на тоа“, изјави Прити.
Тој се осврна и на периодот на подготовки за сликање на фотографиите што му донесоа прва награда.
„За фотографиите што ги забележав минатата година имав многу слобода да работам. Ми требаше одредено време да дојдам до тоа, да изградам доверба со компанијата Гети имиџис, во која работам, а потоа можеби и со клиентите со кои работам“, изјави Прити.
Додавајќи дека и самиот тој сака искачување, рече дека сакал да ја искористи можноста за тренинг, но и за фотографирање.
„Сфатив дека ми е пружена можност. Ми требаше приказна за искачувањето, а помислив и дека би било добро да се вратам во Кина“, изјави тој.
Осврнувајќи се на моќта на фотографијата, Прити изјави дека за фотографијата е потребно таа да сведочи за нешто.
Тој зборуваше и за важноста на фоторепортерството.
„Мислам дека фотографијата е непристрасен облик на репортерството, бидејќи мора да бидете тука, а ако не сте, не можете ништо да сторите да надоместите или да ја раскажете приказната на адекватен начин. Со тоа доаѓа и голема одговорност. Ако правите вести за репортерство, тогаш мора да бидете многу внимателни со обидот за известување од двете страни на приказната и да покажете непристрасен став при известувањето“, изјави Прити.
Тој верува дека за бележењето најдобри моменти се потребни вистински технички вештини. Без нив, фотографот не може да биде подготвен за неочекуваните случувања на терен.
- „Низа елементи потребни за добра фотографија“ -
„Ако имате развиено технички вештини, ако се случи нешто брзо и неочекувано, ништо нема да пропуштите. Мислам дека тоа е исто така важно, да сте подготвени за ненадејни случувања и ако навистина нешто неочекувано се случи, да имате вештина и знаење како најдобро да го искористите тоа“, изјави тој.
Слично мислење има и за животот.
„Мислам дека фотографијата, воопшто, е на некој начин приказна за мојот живот. Оние мали можности што ги забележувате додека се обидувате да ги максимизирате и да искористите максимално од нив и да сфатите колку сте среќни што сте на таа позиција“, рече Прити.
Сепак додава дека нема едноставна формула за забележување на фотографија. Вели дека можеби содржината и техничките карактеристики нема да бидат доволни да се забележи фотографија.
„Верувам дека ни се потребни низа различни елементи да направиме добра фотографија или онаа што ќе се вреже во сеќавање“, вели Прити.
Посебно внимание посветува на пронаоѓањето најдобра можна позадина. Вели дека кога ќе пронајде субјект за фотографијата, работи на приказната што сака да ја пренесе, а потоа се позиционира на најдобро место и чека вистински момент.
Тој додава дека од друга страна, додека работи на повеќе лични работи, многу размислува за своето дело и се обидува да ја претстави фотографијата во слоеви.
Прити вели дека опремата може да помогне, но дека за добра фотографија е потребно искуство, образование, пристап на репортерите, субјект или проект...
„Мислам дека би можело да биде комбинација од сè“, наведува тој.
- Совет до фоторепортерите: „Бидете отворени за критика“ -
На фоторепортерите низ светот им препорача учество на натпреварот „Istanbul Photo Awards“.
„Да се учествува на натпревар со седиште во Истанбул е поразлично од натпреварите во Австралија, Америка или на друго место. Морате да бидете поразлични, претпоставувам, не толку поради пазарот, туку поради подрачјето на кое ја прикажувате таа работа“, изјави Прити.
Тој додаде дека тоа е прекрасен начин да се обидат и своето име да го направат познато.
„Мислам дека тоа е навистина добра работа моментално“, изјави тој.
Пријавите за „Istanbul Photo Awards 2021“ година се отворени до 18 март. Професионалните фотографи можат да ги предадат своите дела во категориите „Поединечна вест“, „Вест во низа“, „Спорт во низа“, „Портрет“ и „Дневен живот“ на www.istanbulphotoawards.com.
Тој им сугерираше на фоторепортерите што сакаат да го подобрат својот труд, да бараат што повеќе различни мислења и да бидат отворени кон критики.
„На фоторепортерите би им препорачал да го покажат својот труд на што е можно поголем број луѓе и да ги прашаат за мислење. Така и направив. Сакам да слушнам критики, сакам да знам што мислат луѓето за мојот труд. Ако критиката е остра, примете ја смирено и кажете: Во ред, следната година ќе работам повеќе. Знаете, мислам дека е многу тешко да се биде самокритичен“, изјави Прити.
Тој додаде дека ако се обидат, можат да успеат и тоа ќе биде неверојатно.
„Покажете го својот труд на што е можно поголем број луѓе. И слушајте, не мора да направите што точно велат луѓето, имајте свое мислење. Но мислам дека многу повеќе ќе научите и ќе им пружите можност на луѓето да го направат тоа“, изјави Прити.
Осврнувајќи се на растечкиот тренд за фоторепортерство, Прити предупреди и на опасноста од лажно и пристрасно известување. Истовремено, Прити наведува дека тој се фокусира на ведрата страна. Тој ги спомена и позитивните резултати што социјалните мрежи ги имаат за фотографијата и фоторепортерството.
„Секако, опасно е, но фотографијата стана подостапна. Со самото тоа, многу повеќе постои апетит за фотографија, во секој облик на медиумите, не само гледање на телефон, туку сè повеќе луѓе ја користат фотографијата“, изјави Прити.
Тој наведува и дека тоа може да биде и од помош особено за оние што се занимаваат со тоа и така заработуваат за живот.
„Така што мислам дека иднината изгледа добро“, заклучи Прити.