Ivana Ramadanova
20 Февруари 2016•Ажурирај: 22 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Љубителите на добрата и квалитетна музика вечерва во Метрополис Арена во Скопје ќе ја имаат честа да го слушнат светскиот пијанист, композитор и продуцент Дуке Бојаџиев, јавува Anadolu Agency (AA).
Дуке Бојаџиев, веќе долго време живее и твори во центарот на светската култура, Њујорк, меѓутоа своите најнови проекти континуирано ги промовира и пред домашната музичка сцена, пред својата публика. Имајки го во предвид името на концертот кој е насловен како "Дуке и пријателите", Бојаџиев во интервју за АА изјави дека концертите пред македонската публика секогаш ги доживува како враќање дома, со многу емоции кои најдобро се раскажуваат преку самата музика.
"Од тука ми почнува цела моја кариера и чувството е секогаш повозбудливо, бидејќи домашната публика е најкритична. Ако на нив не им чини тогаш ништо не чини. Во ситуацијата колку што можам да видам сите се среќни од концертите кои сум ги направил овде. Во она што го свириме има многу и од балканскиот корен, така да тука кога доаѓам се осеќам дека носам нешто од странство каде што живеам, а сум го споил тука", вели Бојаџиев. Сите оние кои минатата година имаа можност да ги проследат концертите во МКЦ, велат дека целиот производ изгледал како убава спакувана интимна приказна. Дуке на ова ќе одговори:
"Се си има своја магија. Јас ги сакам и тие мали концерти на клупска сцена, а ги сакам и овие големи концерти со повеќе луѓе и оркестар на сцена. Се си има различна убавина, но пораката мислам дека е иста", вели Дуке.
Бојаџиев има завршено медицински факултет, меѓутоа дека музиката е неговиот мелем за душа открил многу одамна. Свири на клавир уште на три годишна возраст, а првото компонирање го имал на негови десет години. И за сето тоа време, за тоа ќе рече дека го гледал како хоби.
"Со музиката сериозно почнав да се занимавам во моите студенстки денови во деведесетите години кога настана една технолошка револуција со комјутерите, тогаш купив синтисајзер и опрема и така хобито почна да ми станува поинтензивно. На крај од студиите сфатив дека музиката не може да ми биде само хоби, бидејќи бев сериозно навлезен со родукција, оркестрација, сфатив дека тоа е пат без враќање. Јас не можам ништо друго освен музичар. Можев да бидам и лекар, но во музиката можам да дадам многу повеќе отколку во медицината" рече Бојаџиев, додавајќи дека од медицината му помогнала да ја запознае музиката многу подлабоко и посуштински. Музиката за Дуке претставува секојдневна сатисфакција во која ужива дури ја работи, а како "издувен вентил" го спомна своето семејство за кое вели дека му е голема поддршка и мотив.
Навраќајки се на претходниот проект кој беше насловен како Сон, Верба и Љубов, Дуке, помеѓу другото, зборуваше за тоа, колку тој верува во љубовта и за што најчесто сонува.
"Верувам дека смислата за постоењето на целиот универзум е љубовта. Тоа е едно чуство кое кога вистински ќе го осетиш, не можеш да му дадеш отпор. Тоа се обидувам со мојата музика да го постигнам, и на најтврдиот човек да му влезам во суштината и да го натерам да се опушти и да се отвори кон самиот себе", додаде Бојаџиев.
Скромноста, топлината и ведриот дух кој произлегува од овој талент со меѓународна кариера се само уште еден доказ за величината која тој ја поседува. За самиот крај од интервјуто за АА, Дуке и порача на неговата публика да го живее својот сон бидејќи како што вели небото е лимит за се, и остварувањето на нашите соништа зависат само од нас.
На својот најголем концерт во Скопје, Дуке ќе настапи заедно со неговите пријатели и соработници: македонска поп ѕвезда Каролина Гочева, легендарниот актер Никола Ристановски, светски познатиот кларинетист Исмаил Лумановски, перкусионистите Матијас Кунзли и Костас Анастасиадис и реномираната пејачка Тања Царовска - сите придржужувани од камерен оркестар. Ова ќе биде прв концерт на Дуке Бојаџиев после успешеното претставување во престижната концертна сала „Карнеги хол“ во Њујорк, каде настапи со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија.
Автор е на филмска, електронска и акустична музика во која може да се почувствува духот на македонската традиција, иако принципите во кои е урамен неговиот музички израз и стил се строго западноевропски. Низ неговата интернационална кариера, Бојаџиев има соработувано со оскаровците Џонатан Деми и Данис Тановиќ, како и со македонскиот режисер Столе Попов за неговото последно филмско остварување.
Бојаџиев во моментот работи на музиката за новиот филм на хрватскиот режисер Рајко Грлиќ и очекува дека соработката со творци од регионот ќе значи и натамошно ширење на овој концертен проект и можност за гостувања надвор од Македонија.