Ekipa
04 Ноември 2016•Ажурирај: 05 Ноември 2016
ПАРИЗ (АА) - Стинг ќе биде првиот музичар кој ќе одржи концерт во париската концертна сала во театарот Батаклан по нападот од 13 ноември минатата година, во кој загинаа повеќе од 80 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Во главниот град на Франција, на 13 и 14 ноември минатата година беа извршени неколку бомбашки и оружени напади, а цели беа барот во близина на фудбалскиот стадион, концертната сала и рестораните. Во нападите загинаа 130 лица
Батаклан беше една од целите. За време на концертот на групата „Иглс оф дед метал“, три лица отворија оган во полната концертна сала.
Стинг на 12 ноември ќе одржи хуманитарен концерт во таа сала, а приходот ќе оди за помош на хуманитарните организации што им помагаат на жртвите и семејствата на настраданите во овој напад.
И семејствата на загинатите, како и ранетите во нападот се повикани на концертот чија првична цел е да им се оддаде почест на оние што ги изгубија животите во овој напад.
„Имавме две важни задачи на повторното отворање на Батаклан. Прва задача е да оддадеме почест на оние што ги загубија животите пред една година, а другата е да го славиме животот и музиката, за што всушност служи ова историско место“, напиша Стинг.
Директорот на Батаклан, Жером Ланглет, изрази надеж дека оваа концертна сала може да ја врати својата првобитна улога како една од водечките музички сали во Париз и засекогаш да остане потсетник на оваа голема трагедија.