Admir Fazlagic
26 Јули 2016•Ажурирај: 27 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Вечерва во Музејот на Град Скопје по повод 53 години од трагичниот скопски земјотрес беше отворена изложбата „Скопје 63 - виртуелни изложбени тури“, јавува Anadolu Agency (AA).
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски ја отвори оваа изложба укажувајќи на важноста и значајот на присетувањето на земјотресот кој се случи во главниот македонски град пред 53 години. Трајановски рече дека изработените слики, фотогграфиите, сиот архивски материјал е од голема вредност за идните генерации кои преку овој вид на уметноста ќе имаат можност да дознаат што всушност преживеало Скопје за време на катастрофалниот земјотрес.
Во изминатите години Музејот создаде импресивна збирка на предмети, фотографии, филмски записи, архивски документи кои беа прикажувани на годишните изложби организирани на секој 26 јули, но за да ги запознае младите со трагичниот настан од 1963-та Музејот конципираше нов изложбен модел базиран врз дигиталните технологии.
Избраните четири изложби во продукција на Музеј на град Скопје се на темите: 2006-Граѓаните на светот за граѓаните на Скопје; 2009-Скршениот град; 2013-Скопје 63 - одбележување 50 години од земјотресот; 2014-Скопје 63 - Филмска хроника на едно време.
На отворањето на изложбата присуствуваа бројни личности од јавниот живот, како и голем број на граѓани кој пројавија интерес за изложбата.
На денешен ден, пред точно 53 години, во раните утрински часови, околу 5:17 часот се случи катастрофалниот земјотрес во Скопје кој однесе многу човечки животи, уништи голем дел од инфраструктурата, но ја подигна светската солидарност на високо ниво.