Eda Özdener
08 Август 2022•Ажурирај: 15 Август 2022
АНКАРА (АА) - При ископувањата во Гордион, некогашниот главен град на Фригијците, централна Анадолија, пронајден е натпис со името на античкиот град, јавува Агенција Анадолија (АА).
Античкиот град е откриен од браќата Алфред и Густав Керте при изградбата на железничката линија Берлин - Истанбул - Багдад во областа Полатли кај Анкара.
Изградбата на железничката линија започнала во 1893 година, а во 1900 година било извршено тримесечно ископување.
Покрај тоа што браќата Керте утврдиле дека главниот град на античкото кралство Фригија е Гордион, досега не можеа да откријат информации што го потврдуваат тоа.

Ископувањата, што повторно беа започнати во 1950 година по долга пауза, сега се под надзор на Министерството за култура и туризам на Туркије и Генералниот директорат за културно наследство и музеи.
Ископувањето го води екипата на чело со проф. д-р Брајан Роуз.
Оваа година во областа на античкиот град, кој е наречен надворешен град, е пронајден камен натпис напишан на фригиски. Натписот датира од годините кога владеел Антиох (281-261 пр. н. е.) во хеленистичкиот период, и е првиот и единствен натпис во кој се споменува името Гордион.

Натписот, за кој се смета дека е поврзан со гробницата Тумул, е познат и по тоа што е најдолгиот натпис некогаш пронајден во Гордион.
Овој натпис, што е откриен во античкиот град, кој бил под власт на Персиската Империја помеѓу 540-333 пр. н. е., содржи и персиско машко име.
Деталната студија за натписот за објавување ја подготвуваат археологот Умут Алаѓоз, заменик-директор на Музејот на цивилизациите во Анадолија, и филологот Ростислав Орешко.