Admir Fazlagic
12 Март 2019•Ажурирај: 13 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во градското кино „Милениум“ во Скопје се одржа затворена проекција на македонскиот документарен филм „Медена земја“ („Honeyland“), на која новинарите имаа можност да го погледнат филмот кој изминатиот месец ја доби наградата на жирито за најдобар документарен филм во конкуренција за документарци на светско ниво на американскиот фестивал „Санденс“ („Sundance“), јавува Anadolu Agency (AA).
Документарниот филм „Медена земја“, кој е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, освен што ја добри наградата на жирито за најдобар документарен филм, ја освои и наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography), која во САД им беше врачена на снимателите Фејми Даут и Самир Љума.
Исто така, документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).
По затворената проекција, во изјава за медумите, режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска се осврнаа на впечатоците кај присутната публика која имаше можност да го погледне филмот.
„Беа воодушевени, имаше емоции, луѓето излегоа расплакани што многу значи за нас, пред сѐ бидејќи го доживеале како луѓе, настрана тоа што се новинари, го доживеале емотивно и тоа многу ни значи“, рече Котевска.
За Стефанов, освен признанието за филмот на меѓународно ниво, важни се и впечатоците од домашната публика.
„Најважно е како си прифатен дома, се надеваме дека филмот ќе има добар одзив. Далеку е од редовен репертоар, официјална премиера ќе има на „МакеДокс“ во август, и потоа, веројатно во октомври, ќе се прикажува во кината, па ќе ги видиме импресиите“, вели Стефанов.
Една од главните пораки на филмот е подигнуање на свесноста кај луѓето за средината во која живеат, а режисерите веруваат дека нивното дело е придонес кон подигнувањето на таа свест.
„Нашето општество е далеку од тоа сѐ уште, се надеваме дека ќе дадеме мал придонес кон тоа“, додава Стефанов.
„Јас не мислам дека е толку далеку нашето општество од тоа, и филмови како овој и активности како оваа, мислам дека ќе направат еден чекор понапред кон тоа што сите го сакаме, а тоа е да бидеме свесни за нашата средина и за тоа што се случува“, истакна Котевска.
Споделувајќи ги со новинарите нивните искуства за време на снимањето на документарниот филм „Медена земја“, Стефанов и Котевска велат дека секој ден од снимањето за нив бил предизвик.
„Медена земја“ беше во официјална конкуренција на престижниот американски Фестивал за независни филмови „Санденс“, во категорија со уште 11 други документарци од целиот свет.
Филмот раскажува приказна за Атиџе, Турчинка по потекло, последната жена одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во село кое се наоѓа во централниот дел на Република Северна Македонија.
Продуцент и монтажер на филмот е Атанас Георгиев, музиката ја направија членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ („DB Studios“) од Бејрут.
Документарецот е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
Денес и утре филмот ќе има затворена проекција за новинарите, додека јавното прикажување ќе се одржи на Филмскиот фестивал „МакеДокс“ во август годинава во Скопје.
Во меѓувреме, тимот ќе патува во различни земји во светот каде што филмот ќе биде прикажан на тамошните фестивали.