САРАЕВО (АА) - АЛМА ЏЕКОВИЌ -
„Ал Џезира Балканс“, организатор на Меѓународниот фестивал за документарен филм „AJB DOC“, и оваа година на љубителите на тој вид филмски жанр ќе им пружи можност да погледнат широк спектар на приказни, жанрови, теми и вештини на правење филмови. Второто издание на Филмскиот фестивал „AJB DOC“ ќе се одржи од 20 до 24 септември во Сараево, а на него ќе бидат прикажани 23 документарни филмови, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа телевизиска компанија Фестивалот го организира во соработка со медиумската мрежа „Ал Џезира“ и Медиумскиот институт „Ал Џезира“, со цел афирмирање на авторите и документарните филмови кои се занимаваат со општествени феномени, ставајќи ги во фокус универзалните човечки вредности: храброста, вистината, праведноста, толеранцијата и космополитизмот.
Набргу по објавувањето на поканата за учество на Вториот филмски фестивал „AJB DOC“, се одзваа автори од целиот свет, и во фестивалската база беа пријавени над 400 филма од 21 земја.
- Филмови со различни тематики -
Овогодишното издание на Фестивалот носи 23 филма, од кои 12 се избрани во натпреварувачкиот дел, пет долгометражни филмови за ненатпреварувачката селексија „Last Minute Cinema“ и шест за придружната програма „АЏБ Прикажува“.
„Сите филмови се проверени, подготвени за емитување, како и екипата што работи на подготовките. Оваа година имаме многу гости надвор од БиХ, продуценти, режисери, автори, жири, специјални гости, медиуми кои доаѓаат надвор од БиХ. Мислам дека Фестивалот ќе биде добар, успешен, се надевам дека филмовите ќе ѝ се допаднат на публиката“, истакна директорот на „AJB DOC Film“, Едем Фочо, за Anadolu Agency (AA).
„Change“ или „Промена“ е слоганот на второто издание на Меѓународниот фестивал документарен филм „AJB DOC“.
„Видовме дека повеќето од филмовите се занимаваат со промени. Промени што веќе се случиле или треба да се случат. Гледате, протагонистите на филмовите тежнеат кон промени, што е природно. Повеќето од нас тежнеат кон промени и сфативме дека за оваа година тоа е добар слоган. Сметаме дека во светот се случуваат многу промени, а документарниот филм е рефлексија на тој реален свет“, рече Фочо.
Како и минатата година, „AJB DOC“ ќе ѝ претстави на публиката документарни филмови од различна тематика, од политички документарци до оние што ја прикажуваат состојбата на човекот во општеството. Како што беше најавено и претходно, на овогодишниот фестивал ќе има повеќе филмови, режирани од жени или во кои протагонисти се жени.
„Тие филмови се обично поемотивни, подлабоки. Имаме и воени филмови, како што е филмот што го отвора Фестивалот, „За Сем“, кој во моментов е голем хит во Велика Британија и Америка. Авторката и корежисерот неодамна гостуваа на „Си-ен-ен“ (CNN) кај Кристијан Аманпур. Имаме и филм кој се однесува на нашата војна [во БиХ], 1992 - 1995 година - тоа е филмот „Леснонога“ за судбината на Фахрудин Кучук и неговото дете. И двата филма се многу тешки, но на крајот излегувате со надеж, со позитивен поглед кон утре“, рече Фоко.
- Неколку сериозни кандидати за наградата Оскар -
Двата минатогодишни победнички филма на Фестивалот беа кандидати за филмската награда Оскар, од кои едниот влезе меѓу петте најдобри филмови. Фочо истакна дека и оваа година имаат потенцијални кандидати за престижната награда на американската Академија за филмски уметности.
„Оваа година имаме два или три филма кои се сериозни кандидати и мора да влезат во некој избор за Оскар. Што ќе биде на крајот, не знаеме, но факт е дека кога ги прегледувате филмовите кои се избрани оваа година, гледате дека има навистина одличен квалитет. Драго ни е што авторите, продуцентите, дистрибутерите на овие филмови го препознаваат фестивалот „AJB DOC“ како место за пласирање на тие филмови или како фестивал, бидејќи знаеме дека во светот има илјадници фестивали на документарни филмови, и тоа за нас е одредено признание“, изјави директорот на овој фестивал.
„AJB DOC“ веќе со своето прво издание ги надмина сите очекувања и влезе на голема врата во светот на фестивалите. Целта на организаторите е „AJB DOC“ да стане еден од најголемите фестивали за документарен филм во регионот, што, според Фочо, не е ни малку лесно, ако се земе предвид дека на ова подрачје има исклучително успешни фестивали на документарен филм.
- Фестивалот се шири и на останатиот дел од регионот -
Многумина се согласуваат дека Сараево станува препознатлив по филмските фестивали и дека „Ал Џезира Балканс“ со овој фестивал дава свој придонес кон тоа. На прашањето на кој начин планираат да ја развијат својата приказна во иднина, директорот на „AJB DOC“ истакнува дека сакаат да го промовираат Фестивалот и да го прошират полето на дејствување и на остатокот од регионот.
„Ќе имаме специјални проекции, дополнителни содржини или програми што ќе се одржуваат на различни места. Сакаме да го задржиме регионалниот карактер по кој сме препознатливи. „AJB DOC“ нема да биде врзан само за Сараево, туку тоа ќе биде фестивал кој ќе има поширок простор на дејствување“, порача директорот на Фестивалот, Едем Фочо.
На Фестивалот ќе бидат доделени три награди. Меѓународното жири од пет члена ќе го избере најдобриот филм од натпреварувачката селекција и ќе му ја додели главната награда „AJB Main Award“, а сите натпреварувачки филмови влегуваат и во конкуренција за награда на програмското жири на „Ал Џезира Балканс“, кое ја доделува наградата „AJB Program Award“. Сите филмови прикажани на Фестивалот се во селекција и за Наградата од публиката.
Членовите на меѓународното жири се признати и искусни светски стручњаци во доменот на документаристичкото изразување: Адемир Кеновиќ од Босна и Херцеговина, Тиери Детаил од Белгија, Викторија Брус од Соединетите Американски Држави (САД), Ивана Пауерова од Чешка и Адел Ксикси (Al Jazeera Documentary Channel).
Гостин на годинешниот филмски фестивал „AJB DOC“ ќе биде Палестинката Раван Дамен, поранешна вработена во „Ал Џезира Балканс“ и авторка на многу наградувани документарни филмови. Таа на 22 септември ќе одржи презентација под наслов „Palestine Ambassador: New Land, New Life“ (Амбасадор на Палестина: Нова земја, нов живот).