Behçet Alkan
12 Декември 2021•Ажурирај: 13 Декември 2021
НЕВШЕХИР (АА) – БЕХЏЕТ АЛКАН -
Мустафа Онџул (66) од Турција со горење го обработува дрвото и на тој начин креира вистински уметнички дела.
Онџул уште во основно училиште се заинтересирал за обработка на дрвото, а со уметност се занимавал во слободно време. Обработката на дрвото отсекогаш го интересирала, па барал начини како да го вклопи дрвото во уметност.
Предано работел на обработка на дрвени плочи, а како што се усовршувал, креирал нови уметнички дела. Со години поминал во столарската работилница, а во 2014 година се пензионирал, по што решил својата самотија да ја изрази преку уметноста.
Во разговорот за Агенција Анадолија (АА) тој раскажува дека нема деца и дека неговата сопруга починала пред пет години, по што решил додатно да се посвети на уметноста и на обработката на дрвото преку негово горење.
Кујната од куќата, во која живее сам, му станува работилница, а собите потсетуваат на уметничка галерија. Онџул вели дека занимавањето со уметноста му дошло како терапија, а настојувал со примена на оваа техника на свој начин да интерпретира познати уметнички дела, особено од периодот на Османлиското Царство.

Додаде дека нема никакво образование од областа на уметноста, но дека ги применувал советите на пријателите уметници. Онџул се присети на времето кога започнал да се занимава со столарија во 1970 година.
„Во зимскиот период имаше помалку работа, па ја загревав жицата на огнот од плинската боца, а потоа цртав на дрво. Потоа, еден сосед ми даде машина за термичка обработка на дрвото во 1980-тите. Тогаш креирањето уметност стана многу полесно. Се усовршив со текот на времето“, рече Онџул.
Со оглед на тоа што не сака да седи и да не работи ништо, занимавањето со уметност има терапевтско влијание врз него.
„Кога работам на некое уметничко дело, го прекинувам контактот со светот. Не ни забележувам како поминува времето. Ова е работа што бара многу трпение, и ако не ја сакате, не можете да успеете. Немам срце да ги продавам моите дела“, вели Онџул, кој досега има направено стотици уметнички дела.
Иако тоа отсекогаш била негова желба, не му се укажала можност да отвори изложба. Сепак, се надева дека ќе има можност да ги претстави своите дела пред вистинските љубители на уметноста.