Eda Özdener
15 Септември 2019•Ажурирај: 17 Септември 2019
АНКАРА (АА) - ЕДА ОЗДЕНЕР -
Во Турција е донесен оклопот „Човек со златна облека“, кој беше откриен за време на градежни работи во Казахстан. На него се наоѓаат над 3.000 рачно изработени златни плочи, а се претпоставува дека му припаѓа на некој владател или на негов син, пишува Anadolu Agency (AA).
Во рамки на казахстанскиот проект „Човекот со златна облека во светските музеи“, оклопот е изложен во Музејот на цивилизации од Анадолија кој се наоѓа во Турција, и е меѓу значајните аргументи кои ја откриваат длабочината на турската култура и цивилизација низ историјата.
Оклопот бил откриен за време на градежни работи во 1969 година во местото Једису во Казахстан, а на него се наоѓаат над 3.000 златни плочи во триаголна форма, украсени со мотиви на леопард, коњ, птица, елен, овен и овца.
Бил откриен во еден гроб наречен „Исик Кургани“, додека опремата која била откриена заедно со оклопот, открива дека Турците пред 2.500 години формирале голема држава и цивилизација, и дека користеле свој јазик и писмо.
Во гробот била пронајдена и сребрена црпалка чиј држач бил скршен, а на неа се наоѓале два стиха кои се сметаат за најстар турски текст. Поголемиот дел од научниците велат дека значењето на овие стихови е следно: „Синот на владателот почина во 23-годишна возраст, сочувство до народот на Есик“.
Ова дело старо 2.500 година ги одразува верувањата, митолошките размислувања и државната регулатива на Турците, а во музејот ќе биде изложен до 12 октомври.
Од друга страна, амбасадорот на Казахстан во Анкара, Абзал Сапарбекули, даде изјава за АА во врска со оваа изложба во која рече дека се изложува ретко дело кое ја открива историската длабочина на Турците.
Според него, во овие ископувања биле откриени над 4.000 археолошки дела.
Сапарбекули информираше дека оваа изложба претходно била отворена и во Северна Македонија, Белорусија, Русија, Азербејџан, Кина, Полска, Јужна Кореја и Узбекистан, и дека ќе биде отворена и во земјите од Далечниот Исток, пред сѐ во Малезија, како и во Европа и Америка.
Тој истакна дека на оваа изложба се изложени 207 дела, меѓу кои и сребрената црпалка на која се наоѓаат стихови кои се сметаат за најстар турски текст.