Bayram Altuğ
28 Август 2017•Ажурирај: 29 Август 2017
ЖЕНЕВА (АА) - БАЈРАМ АЛТУГ - Портпаролката на Европската комисија за Рохинџа муслиманите (ERC), д-р Анита Шуг, истакна дека меѓу 2 и 3 илјади муслимани се убиени во нападите на војската на Мјанмар во подрачјето на Аракан во последните три дена, додека над 100.000 муслимани се раселени, јавува Anadolu Agency (AA).
„Извршените масакри врз муслиманите во последните денови во Аракан од страна на припадниците на војската, се многу пати побројни од случувањата во 2012 година и во минатиот септември. Состојбата никогаш не била полоша. Со ова што се случува во Аракан, се соочуваме со еден бавен масакр“, нагласи во изјава за АА портпаролката Шуг.
Шуг информираше дека само вчера се убиени од 900 до 1000 муслимани во селото Саугпара коешто се наоѓа во близина на градот Ратедаунг во Аракан.
Таа додаде дека само едно момче го преживеало овој масакр. Шуг, која е доктор по медицина во Швајцарија, пренесе дека според информациите кои ги добила од страна на сите активисти кои се на терен, и од локални извори во Аракан, во последните три дена масакрирани се најмалку 2 до 3 илјади муслимани во различни села низ Аракан.
Шуг подвлече дека припадниците на армијата на Мјанмар стојат зад овие масакри.
Истакнувајќи дека над 100.000 цивили денес се раселени од своите огништа, Шуг пренесе дека 2.000 муслимани од Аракан се заглавени на границата меѓу Мјанмар и Бангладеш. Таа нагласи дека границата на Бангладеш е затворена од страна на Владата.
Исто така, портпаролката на ЕРЦ информираше дека селата Анаукпјин и Нијаунпинги се опколени од страна на локалните граѓани-будисти.
„Овие лица пратија писмо до владата на Мјанмар и соопштија дека се невини, и не се вмешани во ниту едно кривично дело, и побарале што побргу да се отстрани опсадата, и итно да бидат евакуирани од селата. Но, владата на Мјанмар не им испрати ниту одговор. Не ја знаеме точната бројка, но животите на стотици лица во овие села се во опасност“, истакна таа.
Шуг изјави дека на 23 август околу стотина селани од подрачјето Аук Нан Јар во Ратедаунг, биле пренесени на непознато место.
Таа истакна дека се загрижени оти постои можност овие лица да се убиени и додаде дека Обединетите нации (ОН) и целата меѓународна заедница треба итно да преземат мерки со цел да им се стави крај на масакрите во Аракан.