Aynur Ekiz
21 Март 2017•Ажурирај: 21 Март 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за правда на Република Турција, Бекир Боздаг, изјави дека неодамнешното одобрување и одржувањето собир на поддржувачите на терористичката организација ПКК во Германија е уште еден показател дека во земјите на Западот добредојдени се сите оние кои работат против Турција, вклучувајќи ги пучистите и сепаратистите на ФЕТО и ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Боздаг, како гостин денес на денешниот уреднички колегиум на АА, ги коментираше актуелните прашања и притоа повторно ги осуди потезите на Холандија и Германија, кои го откажаа гостопримството и не им дозволија на турските министри да се сретнат со турската дијаспора, и паралелно со тоа дозволуваат собири на поддржувачите на ПКК, организација којашто се наоѓа на листата терористички групи во Европската Унија.
„Турција во периодот меѓу 2007 и 2017 година од Германија и други земји-членки на Европската Унија побара екстрадиција на вкупно 443 лица, сите поврзани со тероризам. Досега ни испорачаа 12 лица. Само од Германија баравме екстрадиција на 177 лица, а екстрадирани се само две. Од Холандија баравме екстрадиција на 11, а ни испорачаа едно лице. Австрија и Франција не екстрадираа ниту едно лице“, рече Боздаг.
Боздаг истакна дека неодамнешното полициско пресретнување, забраната за влез во турскиот конзулат во Ротердам и депортацијата на турската министерка за семејство и социјална политика Фатма Бетул Сајан Каја е неприфатливо однесување на холандските власти и грубо кршење на Виенската конвенција, со која се уредени нормите на дипломатијата.
„Оние кои им забранија на турските министри да говорат, ќе го забранат и говорот на политичарите кои не го дигнаа гласот против овој чин. Доколку се продолжи во оваа насока ниту Ангела Меркел, ни Марк Руте, ниту кој било друг лидер на земја-членка на ЕУ нема да може да говори ниту во својата сопствена земја. Сакам да порачам дека Турција тогаш на канцеларката Меркел и на премиерот Руте ќе им даде право на говор и мирни собири на наша територија. Нека дојдат и нека држат говори, а ние сè ќе им обезбедиме, бидејќи во Турција нема болест на расизам и дискриминација“, рече Боздаг.
Осврнувајќи се на процесот во врска со барањето кое Турција го испрати до САД за екстрадиција на Фетулa Ѓулен, водачот на терористичката организација ФЕТО, Боздаг рече дека за ова прашање вечерва телефонски ќе разговара со американскиот министер за правда.
„Покрај тоа, нашиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу денес ќе има одредени средби во Вашингтон. Од прва рака ќе ги повториме очекувањата на Турција во тој процес. Постојано истакнуваме дека од новата американска администрација очекуваме поразличен и поефикасен пристап за решавање на ова прашање“, истакна Боздаг.
Турските власти на 2. февруари минатата година побараа од Соединетите Американски Држави укинување на зелената карта на Фетула Ѓулен, водачот на ФЕТО. Нему претходно врз основа на давање лажен исказ, му е поништен турскиот пасош. По јулскиот обид за воен удар, Турција од САД и официјално побара привремено апсење и екстрадиција на Ѓулен.
„Доколку врз основа на доказите и фактите што ги доставивме заедно со барањето не се изврши екстрадиција на Ѓулен и тој не биде привремено уапсен, тогаш никогаш нема да се направи ниедна друга екстрадиција. Доставивме непобитни докази и големо досие. Сè ставивме на маса и сè е јасно, но тие стојат на друга позиција и на тоа гледаат од некоја друга перспектива“, истакна Боздаг.