Seyit Ahmet Aytaç
04 Јуни 2018•Ажурирај: 05 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, денес изјави дека операцијата на турските сили во колевката на терористичката организација ПКК на северноирачката планина Ќандил е само прашање на време, и порача дека тоа легло на терористи наскоро ќе биде исчистено, јавува Anadolu Agency (AA).
Сојлу, кој беше гостин на уредничкиот деск на АА, ја коментираше актуелната ситуација во регионот, а посебно се осврна на борбата која Турција активно ја води против тероризмот.
„Ќандил повеќе не е далечна мета за нас. Нашите сили ги обезбедија клучните области по должината на линијата Ќандил-Хакурк. Операцијата против терористичката група ПКК во планината Ќандил е прашање на време. Ја уверувам нашата нација дека наскоро Ќандил ќе биде безбедно место за Турција“, рече тој.
Сојлу, исто така, нагласи дека борбата против дрогата ќе продолжи. „До 3 јуни 2018 година уапсивме 9.484 лица поради кривични дела поврзани со дрога“, изјави тој и додаде:
„Ние ги зајакнуваме нашите безбедносни сили од година во година. Од почетокот на 2017 година вработивме 45.650 полициски службеници. До крајот на оваа година ќе вработиме уште 16.500. Во 2016 година имавме вкупно 3.500 припадници на локалните безбедносни сили. Сега таа бројка се искачи на 18.500. Планираме да вработиме уште 10.000 во блиска иднина“.
Откако ПКК ја продолжи својата вооружена кампања во јули 2015 година, во северен Ирак, каде што терористичката организација ја има главната база во близина на иранската граница, редовно се спроведуваат воздушни напади врз нејзините цели.
ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Европската Унија и САД. За време на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 лица.
Сојлу говореше и во врска со операциите против терористичката организација ФЕТО, која изврши обид за државен удар во Турција во 2016 година.
„Уапсени се над 34.000 осомничени припадници на ФЕТО“, истакна тој, додавајќи дека над 114.000 вработени биле отпуштени од нивните работни места во Владата, а речиси 40.000 од нив се вратиле на нивните работни позиции.