Sena Güler
08 Ноември 2018•Ажурирај: 08 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Едвард Сноуден, поранешниот информатор (свиркач) од Агенцијата за национална безбедност на САД, изјави дека за следење на сега убиениот новинар Џамал Кашоги, користен е софтвер, направен од израелска фирма за кибербезбедност, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање на конференција во Тел Авив, Израел, преку видеоповик од Русија, Едвард Сноуден истакна дека за следење на опоненти се користи шпионскиот софтвер „Пегасус“, продаван на владите од страна на „NSO Group Technologies“.
„Саудијците, секако, знаеле дека Кашоги треба да оди во Конзулатот, бидејќи имал состанок. Но, како тие ги знаеле неговата намера и планови?“, вели Сноуден.
Кашоги, саудиски државјанин и колумнист во „Вашингтон пост“ (The Washington Post), беше убиен на 2 октомври по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул.
Според Канцеларијата на истанбулскиот обвинител, откако влегол внатре веднаш бил задавен, а потоа исечен на парчиња.
По соопштувањето дека е убиен, Саудиска Арабија допрва треба да ја открие локацијата на телото на Кашоги.
Сноуден рече дека паметниот телефон на еден од пријателите на Кашоги, кој живеел во егзил во Канада, бил заразен со шпионскиот софтвер „Пегасус“ на компанијата НСО.
Тој истакна дека софтверот им овозможувал на Саудијците да собираат информации за Кашоги.
„Вистината е дека тие следеле некои негови пријатели преку програма изработена од израелска компанија.“
Во извештајот на канадскиот истражувачки институт „Citizen Lab“ се вели: „Имаме големо уверување дека мобилниот телефон на Омар Абдулазиз, саудиски активист и канадски жител, бил цел и бил инфициран со шпионскиот софтвер Пегасус на НСО.“
Софтверот, кој овозможува речиси неограничен надзор на мобилните телефони, се смета за најмоќна шпионска апликација за мобилни телефони во светот.
На Сноуден, кој откри илјадници документи со детали за долгогодишната програма за надзор од страна на американските власти, му беше доделен азил од Русија во 2013 година, откако САД го обвинија за шпионажа.
Неговата дозвола за престој во Русија е продолжена до 2020 година.