Fatjon Cuka
12 Мај 2016•Ажурирај: 13 Мај 2016
ТИРАНА (АА) - Денеска во Тирана се одржа состанок на националните координатори од Југоисточна Европа за борба против трговијата со луѓе, на кој претседаваше заменик-министерката за внатрешни работи на Албанија и национален координатор за борба против трговијата со луѓе во Албанија, Елона Ѓебреа, јавува Anadolu Agency (AA).
Дел од состанокот, одржан за прв пат во Албанија, беа и националните координатори и претставници на национални и меѓународни организации кои се занимаваат со прашања од областа на трговијата со луѓе од Косово, Македонија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Молдавија, Романија, Бугарија и комесарот на Велика Британија за прашања од трговијата со луѓе, Кевин Хајленд.
Во својот говор Ѓебреа рече дека во соработка со земјите од регионот и пошироко може да се преземат чекори за искоренување на оваа појава.
„Трговијата со луѓе е сложен криминал и резултатите се чувствуваат не само на индивидуално ниво, туку и на национално, регионално и глобално ниво. Овој феномен е закана за темелите на демократијата. Темелот на кој ние се базираме е стратегијата за борба против трговијата со луѓе. Оваа средба ќе ни помогне да подготвиме одредени планови за работа која ќе се базира врз нашата работа во 2016 година во полето на борбата против трговијата со луѓе. Соработката меѓу структурите гради добар систем и унифицирана акција за спречување и борба против трговијата со луѓе. Регионалната и меѓународна соработка презеде нова димензија на средби со колеги од Црна Гора, Косово, Македонија, Италија, Германија, итн, за да се интензивираат напорите за борба против трговијата со луѓе”, рече Ѓебреа.
На состанокот говор одржа и амбасадорот на ОБСЕ во Албанија, Флориан Рауниг, кој ја истакна потребата од натамошно зголемување на меѓународната соработка во борбата против трговијата со луѓе, особено во борбата против трговијата со деца.
"Феноменот на малолетници без придружба претставува нов алармантен предизвик, како што потврдуваат најновите бројки на ЕУРОСТАТ. Во 2015 година повеќе од 88.000 лица кои бараат азил во ЕУ се малолетни лица без придружба. Овие малолетници се лесен плен за трговците со луѓе и шверцери на луѓе", рече Рауниг.
Целта на средбата е да се разговара за ситуацијата и предизвиците со кои се соочуваат при идентификување на децата без придружба во земјите од Југоисточна Европа, идентификување на мерки за заштита и помош на потенцијални жртви на трговија со луѓе, начините за зајакнување на меѓународната соработка и размена на најдобри практики во регионот и пошироко.