Ekipa
12 Април 2018•Ажурирај: 13 Април 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Турција, Хами Аксој, изјави дека кога станува збор за Сирија, доколку Франција сака да ја продолжи соработката и дијалогот со Турција, неопходно е да се усогласат одредени темелни ставови, јавува Anadolu Agency (AA).
Аксој одговараше на прашањата на новинарите во Анкара, а коментирајќи го ветото на Нацрт-резолуцијата од страна на Русија, поврзано со истрагата за нападот со хемиско оружје во Дума, изјави дека со тоа е пропуштена можноста јасно да се утврдат фактите околу тој напад.
Тој нагласи дека неговата земја користењето на хемиско оружје го смета за неприфатливо.
Зборувајќи за чекорите и ставовите на Франција, кога станува збор за случувањата во Сирија, Аксој изјави:
„Нашата порака за Франција е јасна. Ако ја продолжиме нашата соработка и дијалог, потребно е да се усогласиме за одредени темелни теми. ПЈД/ЈПГ е огранок на ПКК во Сирија, значи тоа е терористичка организација. ПЈД/ЈПГ не може да биде партнер во борбата против ДЕАШ“.
Тој додаде дека борбата против тероризмот е невозможна со раката на терористичката организација.
„ПЈД/ЈПГ следи една политика, која иднината на Сирија ја става под хипотека. Да се соработува со ПЈД/ЈПГ во Сирија, значи да се стави иднината на оваа земја под хипотека“, изјави Аксој, и додаде дека тоа претставува безбедносен проблем за Турција, но и за целиот регион.