ИСТАНБУЛ (AA) – „Живееме во ера каде што треба да ги трансформираме нашите традиционални медиуми во дигитални", истакна Метин Мутаноглу, заменик-генералниот директор и главен уредник на Anadolu Agency (AA).
Мутаноглу ова го истакна во своето обраќање на панел дискусијата насловена „Како традиционалните медиуми да преживеат во дигиталната ера", што се одржува во рамките на 27. годишна средба на Асоцијацијата на балкански новински агенции - Генерално собрание и конференција на Југоисточна Европа (ABNA-SE) во Истанбул.
„Во оваа нова ера, традиционалните медиуми мора да се дигитализираат, доколку не го сторат тоа, ќе исчезнат", рече Мутаноглу во своето обраќање.
„Ние сме во период во кој можеме да направиме многу добро новинарство со користење на дигитални медиумски алатки. Многу е важно да ја извлечеме вистината од овие турбулентни информации и вистината да ја пренесеме на луѓето", рече Мутаноглу.
Тој додаде дека американскиот весник „Вашингтон пост" (Washington Post) објави важни содржини во врска со случајот „Кашоги", особено во првите 15-20 дена од овој случај и како што рече, тоа беше одлучувачко во американската политика.
„Иако американската администрација се обиде да го затвори инцидентот, тие беа принудени да го решат проблемот поради притисокот на американските медиуми ", додаде Мутаноглу.
Џамал Кашоги, новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), убиен е на 2 октомври во зградата на саудискиот Конзулат во Истанбул. Властите на Саудиска Арабија потоа признаа дека Кашоги е убиен, а не дека го напуштил Конзулатот, како што првобитно тврдеа.
На панел дискусијата за традициионалните медиуми во дигиталната ера, покрај Мутаноглу, учествуваа и главниот уредник на Турската радио телевизија (ТРТ) на Интернационалниот телевизиски канал за вести, Сердар Караѓоз и заменик-шефот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Билал Четин.
- „Добрата содржина ќе ни помогне во дигиталниот свет"
Караѓоз рече дека доколку медумската содржината е со висок квалитет, луѓето ќе ја прочитаат, купат и ќе ја гледаат.
„Традиционалните медиуми треба да инвестираат во добра содржина, со висок квалитет. Ако имате добра содржина, можете да опстанете", рече тој и додаде дека тие ги користат алатки за социјални медиуми, како што се Јутјуб (YouTube), Твитер (Twitter) и Инстаграм (Instagram) .
„Ние подготвуваме посебни содржини за овие дигитални платформи. Добрата содржина ќе ни помогне во новиот дигитален свет", рече Караѓоз.
- „Реализиравме 60 проекти во областа на медиумите"
Проф. Д-р Билал Четин, заменик-шефот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), истакнувајќи дека ТИКА работи во 58 земји во кои има 61 канцеларија, рече дека во просек реализираат околу 2.000 проекти на годишно ниво во 140 земји.
Тој зборуваше за проектите што ги спроведуваат во областа на медиумите, потенцирајќи дека реализирале 60 проекти во областа на медиумите. Четин информираше дека имаат направено големо студио во Албанската новинска агенција, како и дека дале свој придонес за новинската агенција на Босна и Херцеговина, а исто така, додаде дека инфраструктурно помогнале бројни телевизиски канали во БиХ да се префрлат на дигиталниот систем.
„Работиме и во Македонија, Косово и Молдавија. Секогаш сме подготвени за соработка во медиумски проекти", додаде Четин.
Асоцијацијата на балкански новински агенции е основана во 1995 година, со цел развивање на полна соработка меѓу новинските агенции од регионот, како и помагање во воспоставувањето мир, пријателство, безбедност и соработка на Балканот.
Меѓу учесниците на Генералното собрание се наоѓаат Македонската информативна агенција - МИА (Скопје), АТА (Тирана), ФЕНА (Сараево), ТАНЈУГ (Белград), АНА-МПА (Атина), Анадолија (Анкара), БТА (Софија), ЦНА (Никозија), ХИНА (Сараево) и СРНА (Бања Лука).
За време на собранието, Anadolu Agency (AA) ќе го преземе претседателството на Асоцијацијата на балкански новински агенции - Генерално собрание и конференција на Југоисточна Европа од грчката новинска агенција АНА-МПА (ANA-MPA).