Husamedin Gina
22 Септември 2022•Ажурирај: 23 Септември 2022
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека е длабоко убеден дека соработката и заедничките акции на сите чинители во општеството се клучни во борбата против дискриминирачките содржини во интернет-просторот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Пендаровски се обрати на јавната дискусија на тема „Дискриминирачки говор на дигитални медиуми – состојба и предизвици”, која се одржа во неговиот кабинет.
Пендаровски на јавната дискусија истакна дека спречувањето на дискриминирачките содржини кои сериозно ги разнишуваат основните темели на секое општество кое цели кон инклузивност, мора да стане национален приоритет.
„Длабоко сум убеден дека соработката и заедничките акции на сите чинители во општеството се клучни во борбата против дискриминирачките содржини во интернет-просторот, но и воопшто во јавниот живот“, нагласи Пендаровски.
Според Пендаровски, клучно е сите кои се кријат зад удобноста на тастатурата да бидат свесни дека се одговорни за кажаното или напишаното.
„Комуникацијата не смее да биде сведена како сега, во голем дел на негативна енергија, фрустрации, напади врз личноста, дискриминирачки говор или говор на омраза. За таа цел превенцијата е клучна. Не треба да дозволиме дискриминирачкиот говор да прерасне во говор на омраза и со тоа да ги поткопа темелите на едно општество кое треба да почива на коректна комуникација и аргументирана дебата“, додаде тој.
Наведувајќи дека како политичар понекогаш е изложен на обиди за лична дискредитација, Пендаровски рече дека е неопходно инволвирањето на граѓанскиот сектор како репрезент на пошироката јавност.
„Наша заедничка цел“, како што потенцира, „е да се деконтаминира дигиталниот простор, воопшто јавниот простор и нашето секојдневие од дискриминирачката реторика.“
Јавната дебата се одржа под покровителство на претседателот Пендаровски, а во организација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).