Ferhat Demircan
05 Ноември 2018•Ажурирај: 06 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Потпретседателот на Република Турција, Фуат Октај, изјави дека Турција нема да дозволи присуство на никаква терористичка закана по должината на нејзината 911 километри долга граница, јавува Anadolu Agency (AA).
Како гостин на денешниот уреднички деск на АА, Октај ја коментираше актуелната ситуација во Турција, регионот и светот.
Нагласувајќи дека Република Турција е голема земја со јасни приоритети и цели, Октај изјави дека таа земја се наоѓа во многу предизвикувачки и тежок регион.
„Постои цена на животот во овој регион и затоа мора да бидете силни. Мора да бидете силни во економска, воена, политичка и социјална смисла, односно мора да имате стабилност“, изјави Октај.
Коментирајќи го американското објавување на санкциите кон Иран, Октај изјави дека ставот на Турција по тоа прашање е многу јасен и дека не се работи за никакво пркосење. Најави и дека денес официјална Анкара ќе објави соопштение за таа тема.
„Бесмислено е и нечесно да се очекува сите да ги почитуваат санкциите кои САД ги воведуваат врз основа на своите интереси“, изјави Октај.
Турскиот потпретседател Октај го коментираше и убиството на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот Конзулат во Истанбул и изјави дека тоа е случај кој незапирливо се прелил на меѓународно ниво.
„Турција на тоа убиство му приоѓа со максимална сериозност и транспарентност. Бараме одговор на прашањето кој го наредил убиството“, изјави Октај.
Тој, исто така, изјави дека Турција во случајот со убиството на Кашоги пратила јасна порака дека во рамките на нејзините граници таквите операции не можат да останат неказнети.
„Турција испрати јасна порака дека во нејзините граници никој и никогаш не смее да се обиде да изврши такво убиство или слична операција, и дека ќе ја платат цената оние што ќе го направат тоа, без оглед на тоа кои се“, порача Октај.
Турските и американските сили започнаа заеднички патроли во сирискиот град Мунбич, кој е под окупација на терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Патролите се дел од договорот кој на крајот предвидува тоа подрачје на западниот брег на Еуфрат да се расчисти од терористичките елементи и да се предаде под контрола на локалното население.
Потпретседателот Октај денес изјави дека ставот на Турција за Мунбич е многу јасен.
„Од почетокот дадовме до знаење дека сме крајно вознемирени и дека нема да дозволиме воспоставување терористички коридор на нашата јужна граница. Дадовме до знаење дека нема да дозволиме таква творба да направат терористите на ПКК, без оглед како ги викате, ЈПГ, ПЈД, тоа се ограноци на ПКК. За жал, нашите соговорници тоа не сакаа да го сфатат и пробаа некои други работи“, изјави Октај.
Тој најави дека борбата против тероризмот Турција ќе ја продолжи сè додека врз нејзините граници нема никакви закани.
„На почетокот на случајот за Мунбич, САД ветија дека нема да го дозволат присуството на ПКК или ЈПГ. Меѓутоа, решавањето на тоа прашање е постојано пролонгирано за наредниот месец, година. Турција веќе нема ни трпение, ниту толеранција да го чека пролонгирањето на решавањето на тоа прашање“, порача Октај.
„Турција има јасна конечна цел, а тоа е да не дозволи постоење терористичка закана по должината на нејзината 911 километри долга граница“, изјави турскиот потпретседател.