ЊУЈОРК (АА) - ХАКАН ЧОПУР/ДИЛДАР БАЈКАН -
Ерсин Конкур, кој порано работел како наставник во училиштата поврзани со терористичката организација ФЕТО во Соединетите Американски Држави (САД), а подоцна, напуштајќи ја организацијата, подига судска постапка против училиштата на ФЕТО, за самата организација го кажа следното: „Потребно е да бидат сфатени како мафијашка организација во САД. Овие се навистина мафија. Тоа е организација која ја измамува и краде државата“, пишува Anadolu Agency (AA).
Конкур во периодот од 2008 до 2015 година бил наставник во училиштата на ФЕТО во САД, а потоа ја напушти организацијата и со документи го покажа криминалот што се прави во училиштата во САД кои се изнајмени под договор. Конкур во разговор со новинарот на АА го раскажа она што го доживеал во период од 10 години во и надвор од организацијата.
Изјавувајќи дека повеќепати бил сведок на настаните во изнајмените училишта поврзани со ФЕТО, Конкур рече дека откако ги забележал криминалните дела што се правеле во училиштата, започнал да се оддалечува од организацијата и дошол до моментот да биде исфрлен од училиштето, по што отворил судска постапка.
- „Тие треба да бидат сфатени како мафијашка организација во САД“ -
За ФЕТО која во Турција на 15 јули го изведе обидот за државен удар и правно е прифатена како терористичка организација, Конкур рече дека перцепцијата за ФЕТО во САД е малку поинаква. Истакнувајќи дека е можно некои елементи или институции во американската Влада да ја поддржуваат оваа организација, тој додаде:
„Република Турција нив (ФЕТО) ги гледа како терористи, но тие немаат терористички активности во САД. Потребно е да биде прогласена како мафијашка организација во САД. Тие се навистина мафија. Тоа е организација којашто ја мами и краде државата. Во американската држава, особено во ФБИ, има лица кои навистина се ангажирани околу нив и темелно им ги испитуваат банкарските сметки. Ќе дојде ден сѐ ќе излезе на виделина. Може да се види дека Западот ја поддржува оваа организација, но сметам дека луѓето од Западот кон нив заземаат хуманистички став, иако знаат дека се лажговци“.

- „Сите наставници Турци, одреден дел од платата повторно ја враќаат во организацијата“ -
Како и во сите структури на ФЕТО во светот, Конкур истакна дека и во училиштата на организацијата во САД, вработените се приморани одреден дел од платата што ја земаат да ја вратат назад во организацијата. „За сите Турци важи истото. Почнувајќи од генералниот директор, преку неговиот помошник, до наставниците, сите Турци се приморани одреден дел од платата да ја вратат на организацијата“, рече Конкур.
Зборувајќи околу деталите за „Системот за надомест на средства на организацијата“, Конкур истакна дека за првпат во Тексас бил сведок на прекршувањето на договорот со американската држава, која плаќа по ученик во училиштата изнајмени под договор.
„(Осврнувајќи се на директорот на училиштето) Мене ми вели: „Со тебе за работата во училиштето ќе ти потпишам договор на толкава сума. Парите ќе легнат на твојата сметка. Да кажеме дека на сметката ти се уплатени 3.500 долари. Но според табеларниот приказ (што го подготвуваат помошниците на ФЕТО) ти треба да земеш 3.000 долари. Што ќе направиш? Тие 500 долари ќе ги извлечеш од сметка и ќе ми ги донесеш мене“. Тоа е системот“.
Конкур рече дека покрај делот од платата што требало да ѝ го исплаќаат на организацијата, тука спаѓале и трошоци од повраток на данок, други приходи, давање средства за зеќат (средства за милостина) и за курбан. „Покрај одредениот дел што го враќаш, ќе помагаш на секој начин. Од останатите 3.000 долари и материјално ќе помагаш. Освен тоа, ќе бидеш претплатник на „Fountain“ (списание на ФЕТО во САД), ќе издвојуваш за курбан, ќе даваш средства за зеќат. Всушност постојано даваш финансиски средства“, рече Конкур.
- „Налик на комунистички систем“ -
Конкур раскажува дека според позицијата, лицата што се во организацијата месечно добиваат одредена сума, а доколку се надмине одреден лимит вишокот од финансиските средства треба да ѝ се префрлат на организацијата. Тој раскажа за еден настан што го доживеал со директорот на училиштето во кое работел во САД. „Ми се обрати и ми рече: „Во саботите ќе имаш дополнителни часови. Парите што ќе ги земеш за дополнителните часови, ќе ми ги донесеш мене, бидејќи ти и онака веќе ги земаш средствата што ти се одредени.“ Дали повеќе ќе работиш, или помалку, воошто не е важно. Нешто налик на комунистички систем, пари не добиваш за извршената работа, дури и да си без работа, пари добиваш според социјалната состојба“.
Конкур рече дека нелегалните работи во училиштата ги спроведувале директорите, а организацијата за директори не поставувала лица кои не сакале да се потпишат под тие криминални дела. „Јас никогаш не станав директор во некое училиште. Дури еден до мене дојде со предлог: „Да те поставиме за директор на средното училиште Siracusa“. Јас им одговорив: „Јас можам да бидам директор, но никогаш нема да направам ништо од она нелегалното што го правите вие“. По оваа изјава повеќе ниту еднаш не ме прашаа“, рече Конкур.

Зборувајќи дека изборот на учениците што требало да учат во изнајмените училишта под договор требало да се изврши со ждрепка, Конкур рече дека изборот се правел според оценките и предметите. „Тоа беше првото нелегално нешто на што бев сведок во САД“, рече Конкур.
Тој додава дека со тоа е прекршена првата процедура на работата на изнајмените училишта кои се под договор во САД, додавајќи дека голем број слични чекори се правеле и во другите училишта на ФЕТО, без да се привлече вниманието на државните институции.
- „Ги „пумпаа“ платите, а вишокот го ставаа во своите џебови“ -
Зборувајќи за друг случај во САД, на којшто бил сведок, Конкур го истакна следното:
„Во периодот 2012-2013 година имаше еден наставник во Далас кој предаваше турски јазик. При поднесувањето на барањето за престој и работна дозвола во САД, ова лице било прикажано како заменик-директор. Бидејќи официјално беше заменик-директор, добиваше годишна плата од 60.000 долари. Меѓутоа, ова лице, како наставник требаше да добива годишна плата од 47.000 до 48.000 долари. Платата на ова лице, кое на хартија беше заменик-директор, намерно му беше зголемена, а вишокот средства си ги ставаа во џеб. Јас во тоа време случајот го пријавив во Агенцијата за образование на Тексас. Разбраа дека јас сум го пријавил случајот. По тој настан јас го напуштив Тексас“.
- „Печатејќи книги во институциите на ФЕТО, парите ги префрлаа во организацијата“ -
Од друга страна, Конкур рече дека за одредени предмети во изнајмените училишта на ФЕТО во САД кои се под договор, добиена е дозвола за печатење на дополнителни помошни учебници, но додаде дека наместо учебници, добивале книги и учебници од училиштата за курсеви (дерсане) на ФЕТО во Турција, кои само биле преведени.
Печатењето на овие книги и учебници што се несоодветни на училишниот и наставниот систем на САД, а кои ќе се користат во голем број училишта под договор на организацијата низ земјата и се финансирани од државни фондови, било извршено од друг институт на ФЕТО, со цел парите повторно да ѝ бидат исплатени на организацијата. Конкур рече дека со такви примери се среќавал додека работел во Тексас.
„Овие книгички ги печатеше „Teksas Gulf Institute“. Од училиштето доби 16.000 долари, а тие книги заминаа во ѓубре. Порачката ја направиле училиштата „Harmony“ (училиштата на ФЕТО во регионот). Во тој период имаше 40 такви училишта. Доколу го помножите со 40, добивате сума од 640.000 долари. Тоа се 640.000 долари пари од американски државни извори, т.е. средства од даноците што ги плаќа народот. Училиштата овие средства ѝ ги даваат на една приватна фондација на организацијата на Ѓулен во Хјустон“, рече Конкур.
- Обезбедувале средства за организацијата и преку изнајмување објекти -
Конкур истакна дека и договорите на организацијата за изнајмување на училишните објекти што ги користат се дел од криминалот на организацијата. Системот како тоа го правеле го објасни Конкур:
„Ќе изнајмите објект за училиште. Наместо објектот да биде купен од училиште, објектот го купува друга фондација. Договорот и онака е претходно постигнат. Фондацијата пред да го преземе објектот знае дека ќе го даде под кирија. Зграда која ја купува 400.000 долари, на годишно ниво на училиштето му ја изнајмува за 200.000 долари. Училиштето кое може објектот да го купи за две години, поради договорот што е постигнат до 2030 година, таа кирија ѝ ја плаќа на фондацијата секоја година.“
- „Парите секогаш минуваат низ членовите на организацијата“ -
Конкур рече дека организацијата сите тендерски работи за потребите на училиштата под договор во САД ги спроведувала преку свои компании и продолжи:
„Дали станува збор за училишен мебел, технолошка опрема или ученичка униформа, воошто не е важно. За сето тоа ќе бидат постигнати договори со приватни фирми. Едно лице формира фирма и изнајмува менза. Во таа менза се подготвува храна што се сервира во училиштето. Сето тоа се прави во рамките на организацијата, се формира фирма која ќе го прави тоа и со неа се потпишува договор. Доколку е потребно да се гради нешто, некој ќе формира градежна компанија. Доколку има потреба од услуги за чистење, некој од организацијата ќе отвори фирма за чистење. Како и да се погледне, парите преку членови на организацијата повторно се враќаат назад. Тоа е суштината. Овие училишта под договор, наводно се непрофитни училишта. Кога зборуваме за фондации, тие на хартија се непрофитни фондации. Меѓутоа зборуваме за огромни суми. Зборуваме за сума од 10.000 долари по ученик. Тие пари се под нивна контрола и на некаков начин, тие пари се трансферираат кон компаниите на Ѓулен“.
- „Има луѓе во ФБИ кои многу сериозно се занимаваат со оваа проблематика“ -
Во врска со измамите што се прават во училиштата под договор во САД, Конкур рече дека Федералното истражно биро (ФБИ) на САД и некои други државни елементи повремено спроведуваат истраги. „Не знам кој е генералниот став на ФБИ, но знам дека во ФБИ има луѓе кои многу сериозно се занимаваат со оваа проблематика“, рече тој.
Конкур изјави дека во рамките на ФЕТО, воопшто не се добородојдени самоволните иницијативи, без да се добие дозвола од некој што е претпоставен или е хиерархиски над него. „Во структурата на ФЕТО има една ваква ситуација. Нема слобода. Бидејќи нема слобода, потребно е да прашате: „Можам ли да го земам овој автомобил?“. Потребно е да прашате и кога ќе се мажите или жените. Доколку сакате да излезете од градот, треба да прашате. На некој начин во самата организација се прават напори за контрола на животите на луѓето и формирање авторитет“, рече Конкур.
- Потпишани договори за враќање назад -
Конкур рече дека во периодот додека не се земе „Дозвола за престој“ (Green Card-Зелена карта) под покровителство на училиштата, организацијата спроведува начин на живот според кој сте принудени да ги прифатите сите услови за финансиски кратења. По земањето на Зелената карта, бидејќи не сакал да дава поголеми финансиски средства за ФЕТО, од Конкур било побарано да потпише договор за враќање назад и за пониска плата.
По тој настан во мај 2015 година Конкур поднел тужба до Градскиот суд во местото Јутика, во сојузната држава Њујорк, додавајќи дека потоа ФЕТО со него се договорила во врска со траењето на договорот, по што тој се откажал од судската постапка.
По затворањето на судскиот процес, Конкур рече дека бил исфрлен од училиштето Научна академија „Јутика“, која е поврзана со ФЕТО. Една година бил без работа, за подоцна да најде работа во приватно училиште кое нема никакви контакти со ФЕТО.
- „Американските пријатели беа шокирани“ -
Конкур понатаму вели дека во март подигнал 6 тужби против институциите поврзани со ФЕТО:
„Судијата прифати 3. Станува збор за тужби околу бесправно земање пари по пат на закана. Ќе има истрага, а по нејзино завршување ќе има судска расправа пред порота. Сигурен сум дека ќе го добијам овој судски процес, засега има два аудиоматеријали што му се предадени на судот. Има и други аудиоснимки, што ќе ги приложиме доколку тоа биде потребно. Пред судијата да ја донесе одлуката, ги преведовме аудиоснимките од состаноците. Тие материјали му ги приложивме на судот. Мојот американски пријател што го читаше преводот беше шокиран. За изјавите на тие луѓе, неговиот одговор беше „одвратно“. Некои реагираа, изјавувајќи: „Ова е некој вид театар?“. Луѓето не можеа да поверуваат дека станува збор за реалност“.
На прашањето како ФЕТО станала терористичка организација, Конкур рече:
„Досега јас го сфатив следното: Активностите што тука (во САД) ги спроведуваа за канализирање на средствата од државните извори кон организацијата, во Турција се изведени во многу посериозни димензии и рамки. Канализирајќи ги државните извори, ја хранат организацијата. Кога ќе запре чешмата, тогаш доаѓа до криза во рамките на организацијата. Со настанување на кризата, се наруши рамнотежата. Донесоа нелогични, многу неразумни одлуки. Но секој има некаков план, па така и Господ. Значи потребно било да ги направат тие грешки. Правејќи ги грешките, на виделина излезе нивното вистинско лице“.
- „Нека ги отворат очите и нека размислат“ -
На крајот, Конкур упати повик до лицата кои сѐ уште на некој начин имаат врска со ФЕТО, велејќи: „Моја препорака е, нека ги отворат очите и нека се замислат, да ја увидат реалноста, гледајќи однадвор. Стануваат жртви на пропагандата. Во текот на една година многупати се преиспитував себеси. Се навратив назад и некои проповеди ги ислушав повторно. Ги слушав од друг аспект. Се запрашав себеси како можеше да добијам таква форма, како дојдов до таа точка. Забележав многу интересни моменти. Се обидов да разберам во каква психологија сум навлегол. Потребно е луѓето да се обидат да го разберат тоа. Оние што се принудени да кажуваат лаги, потребно е да ги истражат патиштата како да излезат од тие канџи“, рече Конкур.
news_share_descriptionsubscription_contact
