Eşref Musa
13 Февруари 2018•Ажурирај: 14 Февруари 2018
ИДЛИБ/АНКАРА (АА) - Сириската мрежа за човекови права (SNHR) соопшти дека режимот на Башар ал-Асад досега извршил 211 напади со хемиско оружје врз цивилните населени места, во кои загинале вкупно 1.421 лица, од кои 1.357 цивили, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот на СНХР се вели дека од почетокот на граѓанската војна досега, Асадовиот режим 211 пати користел хемиско оружје.
Според овој извештај, 33 од вкупните напади биле извршени пред резолуцијата 2118 на Советот за безбедност при Обединетите нации (ОН), додека 178 биле извршени по усвојувањето на оваа резолуција.
Исто така, осум од 178 хемиски напади се извршени по донесувањето на одлуката во преговоирте во Астана за формирање на зони без судири.
Во извештајот на Сириската мрежа за човекови права (SNHR) се укажува на хемискиот напад извршен на 4 февруари од страна на Асадовиот режим во подрачјето на Серакиб, Идлиб, и се нагласува дека барелните бомби кои содржиле хлор биле фрлени од хеликоптер.
- Загинаа 1.357 цивили -
Според овој извештај, во нападите извршени со хемиско оружје од страна на Асадовиот режим загинале вкупно 1.421 лица, од кои 1.357 цивили, 57 припадници на воената опозиција и 7 војници на режимот земени како заробеници од страна на опозицијата.
Од вкупните убиени 1.357 цивили, 244 се жени, а 187 се деца.
Во делот на извештајот за препораки се упатува апел за покажување сериозен, остар и реален став во врска со употребата на хемиското оружје од страна на Асадовиот режим, за казнување на одговорните за нападите, како и за доделување доволно маски за населението против можни напади во подрачјата под контрола на опозицијата.
Користењето на хемиското оружје од страна на Асадовиот режим требаше да заврши на 19 август во 2014 година, затоа што по убивањето на над 1.400 цивили со хемиско оружје во Источна Гута на 21 август 2013 година, режимот беше вклучен во процесот на уништување на резервите од страна на Организацијата за забрана на хемиското оружје.
Заедничкиот механизам на ОН и Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОПЦВ), на 27 октомври 2017 година до Советот за безбедност на ОН поднесе извештај според кој режимот е одговорен за оружениот масакр извршен на 4 април 2017 година во Хан Шејхун, каде што животот го загубија најмалку 100 цивили.
Одлуката на Заедничкиот механизам на ОН и Организацијата за забрана на хемиското оружје не е доволна за осуда на одговорните за масакрот пред Меѓународниот кривичен суд. Бидејќи Сирија не е членка на Меѓународниот кривичен суд, режимот треба да биде изнесен пред Меѓународниот кривичен суд од страна на Советот за безбедност на ОН, каде што сè уште не е преземен одреден чекор, додека употребата на хемиското оружје продолжува.
Во хемискиот напад, пак, извршен на 4 февруари во Серакиб, од токсичниот гас беа зафатени 12 цивили, од кои тројца припадници на Цивилната одбрана.