ЛОНДОН / ПАРИЗ / МАДРИД (АА) - Велика Британија, Фрација и Шпаниja соопштија дека го признават Хуан Гваидо за привремен претседател на Венецуела, додека во земјата не бидат спроведени избори, јавува Anadolu Agency (AA).
- Британија
Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Џереми Хант, на социјалната мрежа Твитер напиша дека неговата земја го признава претседателот на Парламентот на Венецуела, Хуан Гваидо, за привремен претседател на таа земја.- Франција
Претседателот на Република Франција, Емануел Макрон, соопшти дека неговата земја го признала Хуан Гваидо за привремен претседател на Венецуела поради започнување процес за организирање избори во таа јужноамериканска земја.
Макрон во порака на социјалните мрежи порача дека народот на Венецуела има право на слободни и демократски избори и дека Франција ја поддржува работата на Меѓународната контактна група за Венецуела, формирана од страна на водечките сили на Европската Унија и некои латиноамерикански земји.
- Шпанија
И Владата на Шпанија, исто така соопшти дека официјално го признала Хуан Гваидо за „привремен претседател“ на Венецуела.
Премиерот на Шпанија, Педро Санчес, изјави: „Владата на Шпанија официјално го призна Хуан Гваидо за „привремен претседател“ на Венецуела.
На прес-конференцијата одржана во премиерската резиденција, Санчес без да одговара на прашања соопшти дека Владата на Шпанија официјално го признала Хуан Гваидо, претседателот на Националното собрание на Венецуела, за „привремен претседател“ на таа земја.
Премиерот на Шпанија продолжи со зборовите: „Владата на Шпанија официјално го признава Хуан Гваидо за привремен претседател. Потребно е Гваидо во најкус временски период во земјата да организира слободни, демократски, транспарентни и веродостојни избори, бидејќи одлуката за својата иднина треба да ја донесе народот на Венецуела. Меѓународната заедница ќе го направи она што е во нејзина надлежност, а тоа е да ги потврди резултатите од тие избори, покажувајќи почит кон нив.“
„На Венецуела ќе ѝ биде понудена програмата за хуманитарна помош и ќе бидат вложени напори за обезбедување целосна демократија во земјата“, рече премиерот Санчес.
Освен тоа, премиерот на Шпанија истакна дека во наредните часови ќе разговара со своите колеги од земјите на Европската Унија (ЕУ) и Латинска Америка околу признавањето на Хуан Гваидо за претседател на Венецуела.
- Случувања во Венецуела
Венецуела од почетокот на годинава се наоѓа во длабока политичка криза, која се рефлектира со тоа што опозицијата не го признава новоизбраниот претседател Николас Мадуро, додека Мадуро ја обвинува опозицијата дека со поддршка на САД се обидува да изврши државен удар во земјата.
Протестите во Венецуела започнаа на 10 јануари, кога претседателот Мадуро ја положи заклетвата за својот втор мандат, по изборите што ги бојкотираше опозицијата.
Тензиите дополнително се зголемија кога на 23 јануари претседателот на венецуелскиот Парламент, Гваидо, се прогласи за привремен претседател на Венецуела.
Меѓу земјите што го признаа Гваидо се САД, Израел, Бразил, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама, Парагвај, а денеска им се приклучија и Шпанија, Британија и Франција.
Боливија и Мексико и понатаму го признаваат Мадуро, а поддршка му даваат и Русија, Кина, Иран и Турција.
news_share_descriptionsubscription_contact


