Ahmet Gürhan Kartal
02 Февруари 2017•Ажурирај: 03 Февруари 2017
ЛОНДОН (АА) - Владата на Велика Британија ја објави предлог-стратегијата на процесот за излез на таа земја од ЕУ, а претходно парламентот на таа земја ѝ даде овластување на премиерката Тереза Меј за започнување на процесот Брегзит, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува за збор таканаречениот Бел документ (White Paper), во кој се наведува дека цел на Владата на Велика Британија е во раната фаза на преговори да постигне договор со Европската Унија за статусот и правата на Британците во ЕУ и на државјаните на земјите од ЕУ во Велика Британија.
Преземањето контрола над британското законодавство, контролата на миграциите, обезбедувањето слободна трговија на европските пазари и воспоставувањето нови трговски договори со други земји се само некои од точките што се содржани во владиниот предлог за спроведување на процесот на Брегзит.
„Овој документ ја потврдува визијата на премиерката Меј за независна и вистински глобално влијателна Велика Британија, како и визијата на амбициозните односи со ЕУ во иднина“, се наведува во соопштението што денес го објави британската Влада.
Премиерката Меј претходно претстави 12 принципи коишто британската Влада ќе ги спроведе за да ја задоволи волјата на народот, искажана на минатогодишниот референдум за излез од ЕУ.
Меј најави дека до март оваа година ќе го активира членот 50. од Лисабонскиот договор, со што и формално ќе започне процесот Брегзит, а преговорите би требало да траат две години.