Adham Kako
02 Јануари 2019•Ажурирај: 03 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Сириската мрежа за човекови права (СНХР) соопшти дека минатата година 6.964 цивили го загубија својот живот во Сирија, а поголемиот дел од овие смртни случаи се предизвикани од Асадовиот режим, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот на СНХР во врска со смртните случаи во 2018 година во Сирија се вели дека минатата година во оваа земја од страна на различни страни биле убиени 6.964 цивили, од кои 1.436 деца и 1.361 жени.
Според овој извештај, Асадовиот режим минатата година убил 4.162 цивили, од кои 713 деца и 799 жени.
Во извештајот се наведува дека во нападите на руските сили кои му даваат воздушна поддршка на Асадовиот режим, животот го загубија 467 цивили, од кои 118 жени и 169 деца, додека во нападите на коалициските сили под водство на САД загинале вкупно 417 цивили, од кои 118 жени и 175 деца.
Во извештајот се вели дека во овој период неидентификувани страни убија 1.107 цивили, од кои 247 деца и 216 жени, додека терористичката организација ДЕАШ уби 446 цивили, од кои 56 жени и 82 деца.
Според овој извештај, терористичката организација ЈПГ/ПКК во 2018 година уби 285 цивили, од кои 29 деца и 39 жени, додека воената опозиција и вооружените групи против режимот биле причина за смртта на 80 цивили, од кои 15 жени и 21 дете.
- 976 лица починале од тортура -
Сириската мрежа за човекови права (СНХР) соопшти дека минатата година 976 лица починале од тортура, од кои над 97 отсто починале поради тортурата на силите на режимот.
Во овој извештај се нагласува дека минатата година, режимот вршејќи тортура убил 951 лице во различни места во Сирија.
Во истиот период, терористите на ЈПГ/ПКК, вршејќи тортура, убија 10 лица, додека терористичката организација ДЕАШ, со тортура, уби една жена.
Во извештајот на СНХР се истакнува дека во 2018 година 9 лица загинале како резултат на тортурата на воената опозиција, додека 5 лица го загубија животот како резултат на тортура од неидентификувани лица.