Admir Fazlagic
05 Август 2018•Ажурирај: 07 Август 2018
ЦИРИХ (АА) – АДМИР ФАЗЛАГИЌ - Општопознато е дека Швајцарија е земја која изобилува со природни убавини, а меѓу најпознатите и најпосетуваните и од домашните и од странските туристи се Водопадите на Рајна, пишува Anadolu Agency (AA).
Водопадите на реката Рајна се наоѓаат на територијата на општина Неухаузен ам Реинфал во кантонот Шафхаузен (десен брег) и Лауфрен-Ухвеизен во кантонот Цирих (лев брег), околу 4 километри западно од градот Шафхаузен.
- Најголеми водопади во Европа
Вкупната висина на водопадот е 23 метри, а најдолгиот слап е долг 150 метри, што ги прави да бидат најголемите водопади во Европа.
Овие водопади отсекогаш ги восхитувале луѓето, привлекувајќи посетители од сите страни на светот. Списанието наменето за посетителите на Водопадите на Рајна „Rheinfall Guest Magazine“ пишува дека овие водопади ги посетувале германскиот поет од 19 век, Гете, и австроунгарската императорка Сиси, и биле воодушевени од нив. Како тогаш, така и денес, природниот спектакл што го нудат водопадите не ја изгубил својата вредност.
- Водопадите ги посетиле 1,5 милион туристи
Според списанието, минатата година, Водопадите на Рајна ги посетиле 1,5 милион туристи, правејќи ги една од најпосетените дестинации во Швајцарија.
Водопадите можат да се видат на неколку начини, од високите платформи за набљудување, потоа со помош на брод, како и од кулите што се изградени во нивна непосредна близина.
Во рамките на комплексот на Водопадите на Рајна, во текот на летниот период се одржуваат различни музички фестивали и кино на отворено, каде посетителите имаат можност да уживаат во богатите содржини на културните активности. Инаку, како што наведува „Rheinfall Guest Magazine“, се смета дека Водопадите на Рајна се стари приближно 15.000 години, што од геолошки аспект претставува многу млада формација.
За нивно формирање пресудни биле два фактора: природата на тлото и геолошките процеси за време на ледената доба. Тие го обликувале пределот и овозможиле реката да го најде својот пат кон првобитното речно корито.
Бројните домашни и странски туристи кои доаѓаат од различни држави од Европа, но и од другите континенти, не пропуштаат можност со фотографија да ја забележат прекрасната глетка која ја нудат Водопадите на Рајна.