Safvan Allahverdi
06 Февруари 2018•Ажурирај: 06 Февруари 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, изјави дека дводржавното решение е единственото можно решение за израелско-палестинското прашање, како и за воспоставување на мирот во целиот регион, јавува Anadolu Agency (AA).
„Тоа е единствениот начин да се воспостави стабилност, мир, просперитет и развој во регионот“, изјави Гутереш на состанокот со Одборот за правата на Палестинците, што се одржа во седиштето на ОН во Њујорк.
Тој го пофали Одборот за напорите што ги прави со цел да им помогне на Палестинците да ги уживаат своите човекови права и слободи.
„Отсекогаш говорев дека би сакал да ги видам државата Палестина и државата Израел, и двете со Ерусалим како главен град“, рече Гутереш.
Тој предупреди на, како што рече, многу негативните трендови на терен, кои би можеле да доведат до ситуација во која би постоела само една држава.
Нагласи дека таквата состојба би била во спротивност со легитимните национални, историски и демократски аспирации на Израелците и Палестинците.
На крајот, тој истакна дека населувањето и ширењето на еврејските населби во окупираниот Западен Брег и во Источен Ерусалим е нелегално според постоечките резолуции на ОН и меѓународното право.
Напомена дека таквите постапки се најголемата препрека за мирот во регионот.