Admir Fazlagic
09 Јули 2017•Ажурирај: 10 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Делегација на Собранието на Република Македонија ќе присуствува на комеморацијата во Меморијалниот центар Поточари по повод 11 јули - Денот за сеќавање на геноцидот во Сребреница, пренесува Anadolu Agency (AA).
На иницијатива на Здружението на Бошњаците во Македонија „АВАЗ", првпат оваа година собраниска делегација од Македонија ќе присуствува на комеморацијата во Поточари, Сребеница.
Пратеникот во Собранието на Република Македонија, Зеќир Рамчиловиќ, соопшти дека делегацијата ќе ја предводи тој, а во неа ќе бидат и неговите колеги Реџаил Исмаиљ и Илија Николовски.
„На овој начин, Собранието на Република Македонија оддава почест на сите жртви на геноцидот и изразува најдлабоко сочувство со семејствата на жртвите од геноцидот во Сребреница од јули 1995 година", истакнува Рамчиловиќ.
Здружението „АВАЗ", потенцира Рамчиловиќ, најостро и недвосмислено ги осудува сите злосторства, но и сите што го негираат геноцидот врз цивилното население во Сребреница.
„Овој ден нека биде поука, опомена и повик за мир и разбирање со цел никаде, никому и никогаш да не се повтори Сребреница", наведува Рамчиловиќ.
Во рамки на одбележувањето на годишнината од геноцидот, и група граѓани предводена од здружението „Диван“ ќе отпатува и по третпат ќе присуствува на комеморацијата во Поточари.
Исто така, во рамките на традиционалните одбележувања, на 11 јули во Скопје ќе се одржи „Марш на мирот“ предводен од повеќе невладини организации на чело со Бошњачката културна заедница - БКЗ и граѓани кои го осудуваат геноцидот во Сребреница.
Собранието на Република Македонија на 4 февруари 2010 година ја поддржа Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница, усвоена на 15 јануари 2009 година, и се обврза дека соодветно ќе го одбележи 11 јули.
Инаку, во Меморијалниот центар во Поточари на 11. јули ќе се одржи верски обред и ќе бидат погребани 71 новоидентификувани посмртни остатоци на жртви од геноцидот, кој во јули 1995 година го извршија Војската и полицијата на Република Српска (РС), како и паравојните формации од РС и Србија над Бошњаците во „заштитените зони на Обединетите нации".