Ivana Ramadanova
30 Април 2018•Ажурирај: 01 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Виетнамска делегација, предводена од потпретседателот на 14. Национално собрание на Виетнам, Оунг Чу Луу, во рамките на официјалната посета на Македонија оствари одделни средби со потпретседателот на Собранието на Република Македонија, Горан Мисовски, со Комисијата за надворешна политика и со Законодавно-правната комисија, јавува Anadolu Agency (AA).
На почетокот од средбата со потпретседателот Мисовски, тој посочи дека двете земји ги карактеризираат добри и пријателски односи со скромен политички дијалог, а во однос на недостигот на економската соработка, изрази надеж дека во иднина ќе се создадат предуслови за нејзино продлабочување преку трговската размена како значаен сегмент во општественото живеење.
И покрај различниот политички ситем кај двете земји, тој посочи дека верува во силата на народот и оваа средба да биде почеток на една посериозна економска и културна соработка меѓу Македонија и Виетнам.
„Македонија останува на својот стратешки пат кон ЕУ и НАТО интеграцијата, спроведување на реформите во засегнатите полиња преку Владиниот план 3-6-9 и Планот 18, како и градење на добрососедски односи“, истакнал Мисовски.
Потпретседателот Оунг Чу Луу во рамките на втората посета на високо ниво, изрази надеж дека оваа средба ќе ги зацврсти односите меѓу двете земји, двете Влади и Парламентите.
Воедно, тој истакна дека високо ги ценат односите меѓу Македонија и Виетнам и дека го следат прогресот на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО алијансата.
Во продолжение на посетата, Виетнамската делегација оствари средба и со Комисијата за надворешна политика, по што потпретседателот Оунг Чу Луу упати благодарност за можноста за оваа средба, како и за споделените информации за работата на Комсијата за надворешна политика.
Воедно, посочи дека Виетнам по триесетгодишен реформски пат може да каже дека е економски и општествено стабилен, донесени се многу закони во унапредување на пазарната економија и интеграција на пазарот.
Соговорниците се согласија двете земји да продолжат да одржуваат редовна размена и посети на сите нивоа, да работат на унапредување на соработката во областа на економијата, образованието и културата.