Handan Kazancı
03 Декември 2018•Ажурирај: 03 Декември 2018
КАРАКАС (АА) - Во рамките на турнејата низ Латинска Америка, турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, доцна синоќа допатува во официјална посета на Венецуела, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегацијата на турскиот претседател Ердоган на аеродромот во Каракас беше дочекана од страна на потпретседателката на Венецуела, Делси Родригез, шефот на дипломатијата, Хорхе Ареаса, и министерот за одбрана, Владимир Падрино.
Во делегацијата предводена од Ердоган и неговата сопруга Емине Ердоган, во посета на Венецуела пристигнаа и турскиот министер за енергетика, Фатих Донмез, министерот за трезор и финансии, Берат Албајрак, турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, како и министерката за трговија, Рухсар Пекџан.
Ердоган во Каракас ќе оствари средба со венецуелскиот претседател Николас Мадуро, а по состанокот лидерите ќе потпишат низа билатерални договори и ќе имаат заедничко обраќање пред новинарите.
Турската делегација во Каракас ќе присуствува на бизнис-форум.
Ердоган изминатиот викенд во Буенос Аирес, главниот град на Аргентина, присуствуваше на Самитот на лидери на земјите од Г20, а вчера престојуваше во официјална посета на Парагвај.