Andaç Hongur,Çiğdem Alyanak
23 Јули 2017•Ажурирај: 23 Јули 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција ја смета за погрешна секоја криза која ќе настане меѓу државите од заливот, без оглед за каков проблем станува збор, додавајќи дека е многу тажен поради актуелната ситуација во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател Ердоган отпатува утрово во посета на Саудиска Арабија, а пред самото патување, од аеродромот „Ататурк” им се обрати на новинарите и им соопшти дека ќе ги посети и Кувај и Катар. Тој соопшти дека главна тема на разговорите со лидерите на трите заливски земји ќе биде кризата во односите на Катар со останатите земји од регионот.
„Минуваме низ период во кој како никогаш досега мораме да бидеме еден покрај друг и да ги збилижиме редовите. Сите ги гледаме проблемите и страдањата на луѓето во Сирија, Ирак, Либија, Палестина... За жал, на овие проблеми, секој ден се додава некој нов. Пример затоа е она што пред очите на целата светска јавност се случува во Ал Акса. Тоа е болно, бидејќи тој објект не е гордост само на палестинскиот народ, туку гордост и светост за сите муслимани во светот”, порача Ердоган.
Ердоган се осврна и на кризата во Ерусалим, во врска со ограничувањата кои израелските власти ги воведуваат против муслиманите. Тој истакна дека Израел мора да престане со потези кои ја подигаат тензијата и го дестабилизираат регионот.
„Ние муслиманите сме цивилизација која со векови се залага и го брани ставот за мирен соживот меѓу сите религии во светот. Кршењето на правата на муслиманите не може да биде оправдување за кршење на туѓи права. Реакциите мора да бидат одмерени и во рамките на правото. Во нашата цивилизација нема место за идеологии со кои им се скратуваат слободите и правата на членовите на другите религии”, порача Ердоган.
Ердоган ги потсети новинарите дека вчера поради криза во Ерусалим, телефонски разговарал со палестинскиот претседател Махмуд Абас, претседателот на Израел, Реувен Ривлин и претседателот на Франција, Емануел Макрон, истакнувајќи дека не го подржува загрозувањето на човечките животи, имоти и права на луѓето, без разлика за кого станува збор.
„Во својство на претседател на Самитот на Организацијата за исламска соработка, ги повикувам властите во Израел да ги почитуваат човечките права и основни слободи. Турција како вчера, така денеска и секогаш ќе го поддржува процесот на изградба на мир и ќе ги поддржува Палестинците во стекнувањето на нивната слобода, права и правда”, порача Ердоган.
Турскиот претседател нагласи дека е потребна солидаризација и интензивирање на соработката меѓу земјите од регионот, а не нивно разединување и судири.
„Во вака чувствителни времиња не би требало да ја трошиме енергијата на внатрешни недоразбирања. Ние уште од првиот ден на катарската криза се залагаме за дијалог и надминување на недоразбирања на цивилизиран начин. Никој нема корист од продолжувњето и продлабочување на кризата. Корист имаат само антагонистичките кругови кои се обидуваат иднината на регионот да ја стават под хипотека и да предизвикаат братоубиствени конфликти. Претседавањето со Организацијата за исламска соработка ни дава одговорност овој проблем да го решиме како браќа. Ја поддржуваме иницијативата за посредување која ја иницираше кувајтскиот емир Шеик Сабах”, рече претседателот Ердоган.
Турнејата во Заливот претседателот Ердоган ќе ја започне со посета на Саудиска Арабија, со која Турција има стратешки односи.
„На Саудиска Арабија како на најстар брат и припаѓа голема улога во решавањето на актуелната криза во регионот. Јас на повеќепати во различни прилики реков дека кралот Селман е еден од првите на списокот кои можат да го решат овој проблем. За време на посетата ќе се сретнам и со престолонаследникот, принцот Мухамед бин Селман, заменик премиер и министер за внатрешни работи на Саудиска Арабија. Потоа ќе отпатувам за Кувајт, на средба со Шеикот Сабах, кој игра важна улога во регионот”, рече претседателот Ердоган.
Се очекува претседателот Ердоган утре да пристигне во Катар, земја со која Турција последните неколку години значително ги интензивираше своите билатерални односи.
„Би сакал да истакнам дека Катар уште од првиот ден на кризата се однесува разумно и се залага нејзино решавање врз база на дијалог. Ја сметам за исправна вчерашната изјава на катарскиот емир Шеик Ал Тани во насока на решавање на кризата. Би сакал да кажам дека се восхитуваме на волјата која ја покажа. Се надевам дека сите ќе ги извлечат потребните поуки од тоа”, заклучи претседателот Ердоган.