Hamdi Çelikbaş
02 Август 2018•Ажурирај: 03 Август 2018
АНКАРА (АА) - Четири политички партии од Големото народно собрание на Република Турција (ТБММ) упатија остар протест на санкциите што Министерството за трезор на САД ги воведе за двајца турски министри, јавува Anadolu Agency (AA).
Заедничкото соопштение под наслов „Заедно со нашиот народ и неговата одлучност на заканите на САД, изјавуваме НЕ“, го потпишаа Мехмет Муш во име на АК Партијата, Енгин Алтај во име на Републиканската партија (ЏХП), Еркан Акчај во име на Партијата за национално движење (МХП) и Јавуз Агиралиоглу во име на Партијата ИЈИ.
Во соопштението се наведува дека таквиот став е неприфатлив од аспект на пријателството, сојузништвото и заедничкото членство во НАТО, како и од аспект на вредностите стекнати во текот на низа години. Сметаат дека одлуката преставува последна неразумна алка на политиката што ја водат САД. Упатен е остар протест на одлуката за санкции на американското Министерство за трезор кон двајца турски министри. Се истакнува дека ваквите одлуки не се од помош во решавањето на проблемите во односите меѓу Турција и САД и всушност имаат карактеристика на создавање нови проблеми.
„Познато е дека главен виновник за подлиот обид за државен удар во Турција на 15 јули 2016 година е Фетула Ѓулен, кој подолг период престојува во САД. Познато е дека и напорите за негово испорачување врз правна основа не дадоа никакво решение.
„САД во Сирија, кај нашиот сосед, соработуваат со терористички групи кои се насочени против Турција и не ја земаат в предвид оваа опасност, туку со воведувањето санкции, речиси продолжуваат со таа политика“, се вели во соопштението.
Во заедничкото соопштение се забележува дека е неприфатливо наметнување санкции директно кон членови на Кабинетот.
„На овој начин ја изразуваме заедничката одлучност на нашиот народ во отфрлање на ваквата одлука и ги повикуваме сите надлежни меѓународни и национални органи на одговор“, се порачува во заедничката изјава на турските партии.
Министерството за надворешни работи на Република Турција синоќа упати остар протест на санкциите што ги објави Министерството за трезор на САД.
Истакнувајќи дека американската одлука за санкции претставува дрско мешање во турскиот правосуден систем, во соопштението на турското Министерство се вели дека таквата одлука е спротивна на суштината на билатералните односи и како таква, без сомнение ќе ги загрози конструктивните напори во правец на решавање на проблемите меѓу двете земји.
„Ја повикуваме администрацијата на САД да се откаже од погрешната одлука. Без одлагање ќе одговориме со иста мерка на агресивниот пристап на САД, кој не придонесува за ништо“, се наведува во соопштението од Анкара.
Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, изјави дека САД ќе воведат санкции кон турскиот министер за правда, Абдулхамит Ѓул, и министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, а како повод за санкциите го наведе тоа што американскиот свештеник Ендрју Брансон сѐ уште не е пуштен на слобода поради судскиот процес што се води против него во Турција.
Ендрју Крејг Брансон е приведен на 9 декември 2016 година и оттогаш се наоѓа во притвор. Обвинет е за дејствување и шпионажа во корист на терористичката организација ПКК и ФЕТО. Му се заканува затворска казна во времетраење од 35 години.
На барање на Обвинителството, судот во Измир на 18 јули му изрече притвор за време на судската постапка, но поради неговите здравствени проблеми, таа мерка е преиначена во домашен притвор.
Во обвинението што го подигна Обвинителството во Измир се наведува дека Брансон контактирал со членови на теористичката организација ФЕТО.