Şerife Çetin
14 Август 2018•Ажурирај: 15 Август 2018
БРИСЕЛ (AA) - Форумот на Турција во Европскиот парламент соопшти дека е нелегитимна одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп, за дополнително оданочување на турскиот челик и алуминуим и е во спротивност на прописите на Светската трговска организација (СТО), јавува Anadolu Agency (AA).
Од Форумот, кој брои 60 членови, пратеници во Европскиот парламент, соопштено е дека со загриженост се следи продлабочувањето на дипломатските тензии помеѓу Турција и САД.
„Европската Унија (ЕУ) смета дека овие тарифи, засновани на грижата за национална безбедност, се нелегитимни и спротивни со правилата на СТО“, се истакнува во соопштението во кое се потсетува дека американскиот претседател Доналд Трамп минатата седмица донел одлука за зголемување на тарифите на челикот и алуминумот увезен од Турција.
Се додава дека економската дестабилизација на Турција не е во ничиј интерес.
„Како еден од најголемите трговски партнери на ЕУ, економски просперитетна, стабилна и демократска Турција е и во наш интерес“, се истакнува во соопштението.
Наведено е и дека двата сојузника на НАТО, Турција и САД, треба да ги решат проблемите со конструктивни и дипломатски чекори.