Hajer M'tırı
17 Септември 2018•Ажурирај: 18 Септември 2018
ПАРИЗ (АА) - Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, на само два дена пред да биде домаќин на разговорите на ЕУ за имиграциите, истакна дека во рамките на Европската Унија постојат премногу тензии, јавува Anadolu Agency (AA).
„Има премногу тензии во Европската Унија, помеѓу истокот и западот, и северот и југот“, изјави Курц пред средбата со францускиот претседател, Емануел Макрон.
Австрискиот канцелар нагласи дека неговата посета на Париз има за цел „да ги поддржи сите оние кои сакаат да градат мостови“.
„Сите може да се согласиме дека Европската Унија може да биде успешна ако работиме заедно и доколку делуваме заедно“, додаде тој.
Со оглед на тоа што во моментов претседава со Европската Унија, Австрија ќе биде домаќин на неформалниот самит на ЕУ во среда и четврток во градот Салцбург.
Канцеларот, исто така, рече дека партнерите на Велика Британија во Европската Унија треба да сторат сè што е во нивна моќ да се избегне „тежок Брегзит“, во кој Лондон би го напуштил блокот без договор.
„Мислам дека се согласуваме дека мора да сториме сè што е можно да избегнеме еден тежок Брегзит“, потенцираше Курц.
Макрон, од своја страна, истакна дека е суштински важно да се постигне договор (за Брегзит), во кој ќе се почитуваат правилата за кохезија и заштита на Европа, на нејзиниот единствен пазар, додека Британија, од своја страна, ќе го почитува гласањето од својот народ.