Admir Fazlagic
25 Август 2016•Ажурирај: 25 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Вчера, во раните утрниски часови во близина на Демир Капија полицијата пронајде 47 мигранти, кои биле превезувани од српски државјанин, пренесува Anadolu Agency (AA).
„На 24.08.2016 година околу 07.30 часот на автопатот Удово-Неготино, кај тунелите кај Демир Капија, полициски службеници дале знак за запирање на превозно моторно возило „Голф“ со скопски регистарски ознаки и товарно моторно возило „Ивеко“ со скопски регистарски ознаки кои не застанале. Патничкото возило се исклучило кон Демир Капија, а товарното возило продолжило со движењето и на околу 500 метри после клучката застанало, возачот излегол и побегнал. Меѓутоа, по кратко време бил приведен од полициските службеници при што е утврдено дека станува збор за лицето Н.С. (38) од Р.Србија", стои во соопштението на МВР.
Исто така, во соопштението се наведува дека по извршениот преглед на возилото биле пронајдени 47 лица-мигранти од Сирија, Ирак, Пакистан и Авганистан.
Лицето Н.С. заедно со мигрантите се приведени и задржани во полициска станица во Неготино за понатамошна постапка.
Од страна на судија на претходна постапка на српскиот државјанин одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена. Надлежните поднесоа кривична пријава против Н.С. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“.