Ekipa
02 Јули 2018•Ажурирај: 03 Јули 2018
МЕКСИКО СИТИ (АА) - Националната изборна комисија (INE) соопшти дека според прелиминарните резултати од вчерашните избори во Мексико, за нов претседател на Мексико е избран левичарскиот кандидат Андрес Мануел Лопес Обрадор, јавува Anadolu Agency (AA).
Како кандидат на коалицијата „Заедно градиме историја“, Лопес Обрадор освои 53 отсто од гласовите на вчерашните претседателски избори во Мексико.
На второ место е кандидатот од десничарското движење „За Мексико на прво место“, Рикардо Aнаја, кој доби поддршка од малку повеќе од 22 отсто од гласачите.
Хозе Антонио Mеаде од коалицијата „Сите за Мексико“, доби 16 отсто од гласовите, додека независниот кандидат Џејми Родригес доби 5,5 проценти.
Лопес Обрадор е 64-годишен политичар кој претходно уште два пати се кандидираше на претседателските избори во Мексико.
Изборната комисија соопшти дека резултатите од „брзото броење“ се базираат на излезни анкети, но дека се многу веродостоен показател.
Конечните резултати од претседателските избори во Мексико се очекуваат за два дена.
Мексиканските гласачи вчера избраа и 128 нови членови на Сенатот, 500 членови на Претставничкиот дом, регионални власти во осум мексикански држави и градоначалник на Мексико Сити.