Bayram Altuğ
02 Јули 2018•Ажурирај: 03 Јули 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Меѓународната организација за миграции (IOM) соопшти дека 204 бегалци го загубија животот за време на викендот во водите на Либија, со тоа што бројот на загинати бегалци во Средоземното Море оваа година надмина илјада лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според писменото соопштение на ИОМ, денес се преврте чамец на отворени води во близина на источниот дел на Триполи, при што се спасени 41 бегалец.
Во соопштението се вели дека изминатиот петок, исто така, се превртел еден чамец управуван од страна на шверцери на луѓе, при што смртно настрадаа 103 бегалци, меѓу кои три бебиња.
Според соопштеното, вкупно 204 бегалци загинаа во несреќи што се случија за време на викендот, со што бројот на загинати бегалци во Средоземното Море од почетокот на годината надмина илјада лица.
Се вели дека Либиската крајбрежна стража оваа година вратила назад околу 10.000 бегалци кои со мали чамци се обиделе да стигнат до бреговите на Европа.
„Оваа недела уште еднаш ќе патувам за Либија за лично да ја видам состојбата на бегалците кои биле спасени и вратени од страна на Либиската крајбрежна стража“, истакна генералниот директор на ИОМ, Вилијам Лејси Свинг, во врска со оваа тема.
Исто така, Осман Белбеиси, шеф на мисијата на ИОМ во Либија, упати предупредување дека последните години е забележан алармантен пораст на бројот на смртни случаи на бегалците на отворени води кај брегот на Либија, во Средоземното Море.
Според официјални локални и меѓународни извори, во Либија се наоѓаат мигранти од 24 различни земји, од кои 95 отсто се Африканци кои преку Средоземното Море сакаат да пристигнат во Европа.