Ömer Yetkin Acar
05 Септември 2017•Ажурирај: 06 Септември 2017
САО ПАОЛО (АА) - Бразилската федерална полиција вчера ја спроведе акцијата „Брабо“, во којашто на пристаништето Сантос во Сао Паоло се уапсени криумчари на дрога, кои се обиделе дрогата скриена во контејнери да ја испратат во Европа. Во операцијата се приведени 80 лица, на 127 лица им е одредена мерка притвор, а за 190 лица е распишана потерница. Засега не се дадени информации за количеството на дрогата запленета во операцијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во акцијата спроведена во сојузните држави Сао Паоло, Минас Жераис, Санта Катарина, Парана, Јужно Рио Гранде, учествуваа околу 820 федерални полицајци.
Претставници на федералната полиција соопштија дека наркомрежата во Бразил е одговорна за дистрибуцијата на повеќе од 6 тони кокаин во Европа во последнава година.
Во рамките на акцијата „Брабо“, конфискувани се 14 карго пратки на пристаништата Сантос и Салвадор во Бразил и на пристаништата во Италија. Истовремено, бразилската федерална полиција ги информираше одговорните од Европа да ја конфискуваат пратката што се наоѓа на бродовите кои се упатиле кон белгиското пристаниште Антверпен, пристаништето Широби во Британија, италијанското пристаниште Џоја Тауро и пристаништето во шпанскиот град Валенсија.
Бразилската федерална полиција и американскиот Оддел за борба против шверц на дрога во август 2016 година започнаа заедничка истрага откако беа спречени 5 испораки на кокаин во периодот од август 2015 до јули 2016 година преку руски бродови, од кои 3 беа фатени на пристаништето во Сантос, додека останатите 2 брода при излезот од Сантос.
Поради специфичноста на трговијата со дрога, бразилската федерална полиција се сомнева дека истата наркомрежа имала испорака на 2 тона дрога во 2015 година.
Според бразилската федерална полиција, специјализирани групи кои се различно организирани и се активни во Бразил и во Европа, склучиле партнерство за остварување на поставените цели. Дрогата којашто доаѓа од земјите производители на дрога, се складира на различни локации во градот Сао Паоло и по морските патишта се испраќа во Европа.